Златко Самарџиев Кекело е препознатлив за сите нас по дозата “Битолцизми” кои постојано ни ги испраќа. Зборчина несекојдневни за било каде во свето, многу од нив и загрозена врста, во групата за исчезнување…

Покрај тоа тој има уште многу да ни раскажи за него. Воведот за битолската легенда Кекело започнува вака:

Роден во Битола на 18-ти Мај 1963, основно заврши во ОУ Тодор Ангелевски, потоа гимназија во горната Јосип Броз Тито. Војска 12 месеци, веднаш после смртта на ЈБ Тито, па 1987 завршува Шумарски факултет во Скопје. Се вработува во Шумското Кајмакчалан и после неколку месеци навечер работи и како келнер во 2Ф (Два Еф), тогаш најпопуларниот кафич во Битола. Потоа во ММ кафичот и со другарите Игор и Марио на самиот почеток во Расчекор.

Со Тик Так од Радио 2

Во 1995 заминува на Магистерска стипендија во Америка, каде изучува за националните паркови и шумарство, за во неговиот камбек да биде еден од седумтемина величествени – државен инспектор во првиот инспекторат за животна средина на РМ. Потоа во Регионален центар за животна средина на Централна и источна Европа во Скопје, па како експерт консултант и од 2005 води Програма за мали грантови на Глобалниот еколошки фонд, преку Обединетите Нации.

Во Скопје заради работата се преселува со фамилијата во 2001. Проба да живее и работи во Скопје од понеделник до петок, па за викенд во Битола, но емотивните и економските трошоци го истоштија и него и фамилијата. Затоа конечно одлучи да живее заедно со нив во Скопје.

Од каде дојде страста за Битолцизми и откога со нив професионално се занимавате?

Дома додека растев зборавме Битолски, со сите зборој и термини и изреки кои се одлика на Битола. Случајно еднаш во 2016 возејќи се некаде работно на терен низ МКД, со секогаш вклучено Радио 2 во колата, слушнав ТикТак како честита роденден некому од Битола и прашува што значи тој и тој збор на Битолски. Паркирав и се јавив и во живо му објаснав. Помуабетивме, се насмеавме и ме праша дали има уште Битолски зборови. Јас реков да, има Битолцизми и можам да се јавам повторно и да ги објаснам во живо. И така почнаа “Битолцизмите на Радио 2”

Прашувам други што одреден збор/ термин/ изрека знаци, и го поврзувам со тоа што јас го знам и сум го употребувал и сеуште го користам кога сум во Битола. Хоби, не ми се професија Битолцизмите. Да останат забележани, младите родители не ги користат затоа што не ги користат и нивните роднини и пријатели.

Замолив свои колеги и пријатели низ светот на својот мајчин јазик да ја кажат најавата “Добро утро вие слушате битолцизми со Златко Самарџиев Кекел на Македонско Радио 2” и имам мин 15-тина најави. Понекогаш ги пушта ТикТак, потешко му е затоа што од лани е сам, без Александра.

Имам во план да ја добијам најавата на колку може повеќе јазици од Африка.

Колку Битолцизми има вкупно отприлика?

Колку ги има? Според мене, во просек по еден на секоја втора реченица помеѓу Битолчани на возраст 30-60 год, било да се зборови или изреки или зборој (наместо зборови) во дено (наместо денот).

Дали може за сите да се најди објаснување?

Да, може, доколку се прашаат неколку “извори” то ест лица од Битола на различна возраст.

Кои Ви се најинтересни и зошто?

Парамана, Креместаре, Чингелаке

Заради што се единствени во МКД и треба да се опишуваат, најмалку со две реченици. Безопасна игла не секој во МКД знае што е, Креместаре е закачалка ама не за палта и вентијаги, туку за едно парче облека, Чингелаке треба со расказ да се опише за да се добие претстава што е 🙂

Дали планирате да издадете книга со сите нив а со тоа и ќе оставиме еден мал белег за идните генерации?

Ме посоветуваа неколку мои пријатели, дека би требало да ги објавувам во Збирка би рекол, наместо книга. Јас претпочитам во електронски формат, па ако се најде некој да ме убеди и да плати за печатена верзија – нека ја печати. Тоа ќе биде книга на сите и за сите и од сите Битолчани.

Препознатливи сте по фотографиите “Пред и после” кога се сликате со вашите другари озбилни и со насмевка. Што тоа вас Ви значи?

Ми делува здодевно да видам една фотографија, а две може да прикажат повеќе од една, да задржат внимание, да се прави споредба помеѓу двете пози/ сцени.

Така настанаа

“XXX со мене и без мене”

“Со (еди кој си) со заби и со без заби насмеани” – знаеме дека насмевката со заби е поискрена одошто онаа со стегнати усни, сепак, преку овие две пози истовремено се добива искреност и на двете, не се местат сосликачите туку знаат што ги чека 🙂 и скоро на секоја толку се смееме што едвај правиме слика “без заби насмеани”

Не се сериозни тие без заби, туку се насмевки без заби.

Инаку, додека растевме, како тинејџери, ми велеа “кекел доста се кекелиш (демек смееш со звук “кекекекекеее’). Често се смеам, и тогаш и сега 🙂 Како реклама за Бленда или Колинос сум кога се смеам, со заби насмеан…

Што би им посакале на битолчани?

Да не се прат ко да се од негде дојсени, да ја чуват Битола, ако не можат да поправат или направат нека не расипуваат. И ДА БИДАТ СРЕЌНИ СО ТОА ШТО ГО ИМААТ, а не несреќни со тоа што го немаат.

Благодариме Кекеллллллл…

И борчимееееее пивоооооо…