Зачинето варено вино обично се прави од црвено вино во комбинација со миризливи зачини и се служи жешко. Овој традиционален пијалок најчесто се консумира во зима.Грееното вино (познато на нас и како варено вино) е одличен пијалок за загревање и развеселување во студените есенски и зимски денови. Аромата што ја даваат зачините е карактеристична и примамлива

Обично се подготвува од црвено вино во комбинација со стапчиња од цимет, каранфилче, ванила, портокал и / или лимон, а за уште подобар вкус се додава шеќер или мед. Некои додаваат и малку црн пипер. Секогаш се служи жешко и се пие додека е топло.

Постојат многу различни рецепти и методи за подготовка на варено вино.
Подолу е еден од начините на подготовка на топло вино и можете да го прилагодите според вашиот вкус. Мерките се за 1 лице.

Состојки

1 чаша црвено вино 200-250 мл (обично црвено вино, не мора сортно)
1/2 мандарина
малку цимет или 1 стапче
4 каранфилчиња или сосема малце каранфилче во прав
малку рендано морско оревче
1 лажиче шеќер (или повеќе по желба)

Подготовка

Ставете го виното во ѓезве.
Додадете пола мандарина или малку портокал со се кора, каранфилче, додадете цимет и морско оревче. По желба може да се додаде малце црн бибер. Можете да исцедите малку од сокот од преостанатиот портокал или мандарина.
Кога виното ќе се загрее, додадете го шеќерот и промешајте за да се стопи. Нека се загрева на ниска температура, а кога ќе почне да врие, намалете ја температурата и оставете така да се грее некоја минута. На крајот, исцедете го виното и послужете го во огноотпорна чаша. Украсете со мандарина и стапче цимет или по желба..

На здравје и конзумирајте одговорно.