Гледаш ситно, средовечно, белокосо човече како се потпира на другарот со една нога – бастунот. Гиздаво, нога за нога ( бастун ), го гази Широк Сокак. Бела паларија на главата, бел костим, бели платнени чевли, демек сѐ во тон; „европски џанамˮ и една црна поголема чанта префрлена преку рамото. А тешка, чиниш ќе му го шини. Си велев:

– Што носи овој господин во торбата ?

Но, иако тешка тој упорно и се опира и оди со гордо исправено тело, а бастунот, чука ли чука по плочникот низ Широк Сокак. Сретне ли дама, редовно ја подига паларијата и учтиво вели:

– Добар ден. Како сте?
– Овој е Такецот – ми рече една пријателка.
– Во торбата е збрана Битолата, цела. Во онаа, црната, што едвај ја носи.

За мене, новодојдена, новопечена невеста, па и од друг град, името Такец не ми значеше ништо. А знаев, по изгледот и ставот дека е стар Битолчанец. Еден од малкуте градски џентлмени и кавалери.

– Беше учител, новинар; слика на платно, пишува, писател е…велеше со восхит и почитување таа.

Скоро секогаш, речиси редовно го среќавав по Широк Сокак. Како и секој стар Битолчанец ќе си направеше една волта до Саатот, полека и сигурно чекорејќи низ неговиот Широк Сокак. Прав господин. Битолчанец од градски ков.

– Заљубен е во Битола, во Широк Сокак – велеа.
– Сокакот имал душа каква што може да има само Битола – ги повторуваа неговите зборови.

Ех, Битола, Бабам Битола !!!

Нѐ залудно си опеана во песните, секој се вљубува во тебе на прв поглед. И се навраќа кај тебе, повторно и пак.
Потоа звукот на бастунот го слушав сѐ поретко. Рекоа:

– Такецот, непара е арен.

Но, сепак, барем еднаш неделно си ја правеше волтата од Руска Црква до Камен Мост, па правец кон Саатот. Си ја гледаше неговата Битола, чиниш ја впива сета убавина и историја на Сокакот Широк каде се слушале и сѐ уште се слушаат клавирите, се пееле серенади под балкуните; скришно или ачик се љубело. Иста вера, туѓа, мешана…

Светнува по некоја солза во неговите старечки очи, како да вели:

– Како ќе се разделам од тебе моја Битола и од тебе Сокаку мој Широк?
– А време е веќе за збогување.
– Време е.
– Дојде…

Не можев ниту да претпоставам дека ќе дојде часот кога ќе ми ја пружи раката и ќе ми рече:

– Јас сум дедо Такец.

Го запознав во една културна пригода наречена „Вознес 2014ˮ. Во својот поздравен говор ни рече:

– Вие сте како гулаби – пораснавте, созреавте и се вознесовте ( полетавте ).
– Денес „ВИЕˮ мислеше на нас поетите и писателите се „ВОЗНЕСОВТЕˮ.

Колку бев горда на себеси и на моите колеги по перо. Значи ние пораснавме во неговите очи, се вознесовме, полетавме со публикацијата „Творечки бранувањаˮ. Се вивнавме во висините на зборот напишан. Колку милина ги облеа нашите души, ги разгали нашите срца..

А ум, па разум – тој многу бистро го служеше и со наполнети 92 години. Секој збор искажан – мудрост преточена, а тежина – колку една планина. Не требаше ништо да речеш, само ќе те погледнеше со неговиот бистар поглед и твоите зборови веќе излегуваат низ неговата уста. Чиниш се слушаш себеси како ги изговараш.

Овој битолски господин го познавав малку време, и токму затоа ми е мака, што немавме време да се запознаеме подобро, да учам од неговата мудрост, начитаност, умешност, итрина, остроумност…

Нека ти е лесна земјата.

Почивај во мир.

А, кога некогаш ќе ти се придружам, таму, некаде, ќе имаме време на претек, цела вечност.

За да учиме.

Јас од тебе.

Ти од мене.

Оти и јас постанав битолчанка.

Текстот ми е посветен на сите оние кавалери кои што за жал ги има се помалку, а посебно на покојниот Г. Димитар Димитровски – Такец во негова чест и спомен.

17.08.2015 год. Битола
Светлана Папачек