Елена Стојчевска (31), претходно Гагич, родена во Битола и моментално живее и работи во Скопје, како хоби за време на нејзиното слободно време се занимава со дизајн и баш од тоа произлезе нејзин многу интересен проект која таа го нарече “Врти од А до Ш”.

Елена Стојчевска

Не криејќи ја нашата воодушевеност веднаш стапивме во контакт и ја запрашавме од каде дојде идејата за нејзиниот проект, колку време треба за да се направи и целосна реализација, цена на чинење, каде и за кои возрасти може да користи и се друго ако има интересно. Таа веднаш со големо задоволство ни одговори на нашите прашања:

Здраво Елена поздрав од Бабам Битола. Како креативна битолчанка ние мора да ве испочитуваме и да ви искажиме големо воодушевување и почит за вашиот интересен проект кој со голема љубов би го прифатиле најмладите деца. Затоа дали може повеќе да ни раскажите од каде дојде самата идеја?

“Здраво бабам битолчани. Поздрав до сите кои не читаат. Последните 2 години моето дете претставува непресушна инспирација за идеи со кои би го поттикнала неговиот развој со секој можен поглед: визуализација, говор, интерактивност, самостојност и сл. и така ја добив идејата за проектот, пред се запознавање, а потоа и за изучување на македонските кирилични букви и азбука на начин кој е лесно прифатен од децата без употреба на модерните технологии, на кои децата во денешно време се премногу изложени и стануваат лесно зависни од истите.

За жал малку се проектите како „Бушава азбука“ по кој мојата генерација ја спознаваше и учеше азбуката на начин кој изобилуваше со детска игра пренесена во едукативна навика. Се восхитувам на денешните автори на сликовници за деца кои работат на проекти за изучување и распознавање на кирилицата, меѓутоа не наидов на таков интерактивен проект со букви и зборчиња за од најрана возраст. Токму тоа претставуваше инспирација, а воедно и предизвик да пронајдам начин со кој моето дете, заедно со мене, преку игра ќе се запознае со буквите и што претставуваат тие во неговиот и нашиот Свет.

Инспирација ми беше старата игра “На буквата на буквата…”.

Истражував на интернет што во Светот се прави и наидов на оваа маска која ја позајмив за мојот проект. Сликите и зборчињата се мој избор од фондот на зборови кои се користени од моето дете и тие на негова возраст. Се обидов да направам еден склоп на зборчиња за секоја буква, водејќи се од критериумот за секоја буква на кругот да се содржи збор со животно, превозно средство, дел од човековото тело, овошје, зеленчук, предмети од домот и сл. Бидејќи визуелизацијата на децата од 3 до 5 годишна возраст е најлесен и најприемчив начин да се прошири спектарот на спознавање и знаење нови работи, се обидов сликите да ги направам соодветни за возраста со цел полесна визуелизација и помнење.

Колку време треба за да се направи овај проект и негова целосна реализација?

Со оглед на тоа дека се занимавам со дизајн, техничкиот дел беше (релативно) најлесен, меѓутоа целосната подготовка траеше околу два месеци. Едноставноста на дизајнот за вакви проекти е можеби најсложениот дел пред отпочнување со техничка реализација на истиот. Би навела еден пример при изработка на буквата „С“. Дизајнирав слика на „сокол“ која е доста едноставна и со тоа е слична со многу останати птици. Но, сепак одредени специфики за сколот се нагласени, како би запомнале децата дека тоа не е орел или јастреб, туку дека се претставува птица која е карактеристична по својата брзина, која пак доаѓа од поставеноста на крилата. Поради тоа крилата на сликата од сокол се отворени и ставени во прв план.

Каде и за кои возрасти можи да се користи?

Иако проектот е направен за лична употреба, по споделувањето на социјалните мрежи, добив безброј позитивни коментари и идеи, особено од дефектолози и логопеди, што ми претставува огромно задоволство, дури и желба и идеја да биде преведен на други јазици од регионот.

Ти благодариме Елена, да се надеваме дека вашиот проект ќе биде прифатен од заинтересирани субјекти кои заедно со вас би дале несебичен придонес во правилниот развој и спознавање на нашите деца.

Ве поздравуваме!