Прославата на големиот христијански празник Богојавление -Водици во Битола има речиси една и полувековна традиција. Битолчани под ропство или на слобода секогаш го прославувале празникот Св. Јован. Под влијание на турската, српската или бугарската власт се менувало само местото на фрлање на крстот, но не и обичајот. Така, атрактивна церемонија, покрај во црковните базени, се изведувала и во реката Драгор, која своевремено за битолчани потсетувала на библискиот Јордан и на првите масовни покрстувања.

Селаните се враќаат по фаќање на крстот на верскиот празник Водици, во с.Брусник Битола 1916, Википедија

Странските патописци, историчари, но и македонски хроничари во своите записи за Битола и впечатоците од битолското секојдневје не пропуштиле да ја забележат и градската традиција за одбележување на Водици. Најстарите зачувани записи потврдуваат дека обичајот е присутен 140 години. 

„Прв пат во Битола фрлање на крстот во вода и негово фаќање се случило во црквата ,Св Недела‘ во 1869 година. Овој храм бил изграден шест години пред тоа, во 1863. Таму на богослужби одело, главно, населението од битолската населба Јени Маале и од населбите Горно и Долно Оризари. 

Главен организатор на овој настан бил прочуениот и многу почитуван битолчанец Димко Радев. По негова иницијатива, ден пред Богојавление се ископал вир во дворот на црквата и се наполнил со вода. Од студот водата ноќта замрзнала што за верниците било знак дека годината ќе биде бериќетна“, раскажува хроничарот на Битола, Александар Стерјевски. Сепак, не е познато дали пред тоа во Битола постоел обичајот за фрлање крст во најстарата битолска црква „Св. Димитрија“. За тоа нема пишани податоци. 
Водици се слави и во 1914 година. Прв пат таа година, на Водици, кога градот бил под српска власт, осветениот крст е фрлен во реката Драгор. Големиот балкански кинематограф Милтон Манаки дури и на филмска камера забележал дел од овие настани во првите години од дваесеттиот век.

Материјал на Кинотека Македонија на кој е забележана прославата на верскиот празник Водици т.е. Богојавление во Битола. Во три кадри е снимена голема колона луѓе, цивили во одела со качкети и со шапки, српски офицери и свештени лица како се движат по битолските улици опкружени со многуброен народ, и во само еден кадар, е снимен во општ план полутотал, во кој се гледа големата група луѓе од првата секвенца на кејот на реката Драгор. Мостот и кејот се украсени, а долу се гледа реката во која треба да се фрли крстот. Самиот акт на фрлањето на крстот не е снимен (или можеби е снимен, но не е сочуван).


Сниматели: Милтон и Јанаки Манаки

Вирот тогаш се ископал кај мостот, наспроти сегашната зграда на Ректоратот на Битолскиот универзитет. Традицијата продолжила се’ до 1941 година. Според записите, во овие години, по службата во црквата „Св. Димитрија“, видни граѓани на Битола со музика доаѓале до мостот. Во воено време, наместо на старото место од течението на Драгор, крстот се фрла од мостот подолу, спроти сегашната општинска зграда.

Она што Битола ја издвојува од другите градови е традицијата по крстот да се фрлаат младоженци. Според записите од Кузман Шапкарев, тоа понекогаш завршувало фатално за младоженците кои не можеле да ги издржат ниските температури и јануарскиот студ. 

Непосредно по ослободувањето, церемонијата со фрлање крст во Драгор била забранета, со исклучок на црковните базени во „Св. Димитрија“ и „Св. Богородица“. Последните децении традицијата на фрлање крст во Драгор се напушта од црквата. Преспанско-пелагониската епархија забележува дека овој настан прераснува во спектакл, а дел од верниците забораваат на суштината.

„Причината е едноставна. Богојавление не значи само фрлање на крстот. Празникот е поврзан со молитва и со служба во храмовите. Церемонијата во реката Драгор како да го губеше православниот карактер“, истакнува отец Оливер Ивановски, архијерејски намесник на Битола. Прославата на Водици во Битола носи и други обичаи. Од 1869 битолчани за прославата ја збогатуваат со кум кој се избирал со крст. Во погача се ставало помало сребрено крвче и лебот се делел на присутните. Тој што ќе го најдел крстот станувал кум за следната прослава. Се верува дека за тие верници годината што доаѓа ќе биде среќна и бериќетна.*

Во нашата архива имаме и фотографии од 1943 година кои првпат сега ги објавуваме и каде Јеромонархот Генадиј истотака во водите на река Драгор го фрла крстот, додека млади битолчани од мостот рипаат по него.**

*Текст Македонска Нација

**Фотографии весник Пелистерско Ехо 

Видео Кинотека Македонија