На утринскиот состанок во приватната болница „Плодност“, се реферираат сите случаи на примени пациентки, оние кои што се стационирани, како и оние кои треба да се оперираат во истиот ден. Д-р Христијан Трпчевски, пред своите колеги претстави редок случај на ектопична интрамурална бременост.

Карактеристично за оваа бременост е тоа што таа не е во шуплината на матката, туку во мускулот на матката. Ова е многу ретка бременост која може да биде и фатална за пациентката. Од 5 жени, со ваква дијагноза една умира, доколку не се открие навремено.

Досега, во светски рамки, објавени се само 53 вакви случаи. Третманот беше решен по лапароскопски пат, кога директно во мускулот на местото е вбризган цитостатик, за да се умртви ембрионот кој веќе започнал да се враснува и да расте во мускулот на матката, за подоцна да предизвика руптура на матката со смртни последици.

„Се двоумевме дали концептот да го отстраниме со лапароскопска операција, при што можеше да дојде до исто така фатално крварење, поради лошата локализација, или пак да примениме локално вбризгување на цитостатик за да го уништиме плодот, со цел да биде избегнато опасно крварење и со ризик плодот да не биде уништен. Одлуката ја донесовме интраоперативно и во вреќата на плодот вбризгавме инјекција со која го уништивме плодот, следејќи ја пациентката хормонски и ултразвучно, оперативно.

Одлуката за конзервативен оперативен третман беше добра. Пациентката ја напушти болницата здрава и жива, без никакви последици. Овој случај ќе го објавиме во некој позначаен журнал, бидејќи е 54 случај во светот“, рече д-р Трпчевски.