Марина ни е златно Битолско чупе, кое обожава да патува, а во последно преку пишаниот збор ни ги доловува не само авантурите, туку и проблемите со кои се соочуваат луѓето кои ги посетила.

Зборуваме за трилогија која ја обработува тежината на донесувањето одлуки, светлоста на иднината и темнината на реалноста, книга за големи љубови и поголеми грешки, забранети теми и тажни воени места. “Совршен Хаос” го доловува она, за кое често размислуваме, а за кое воопшто не зборуваме.

Во центарот е жената од различни краишта, а трилогијата е составена од вистински приказни.

Чест ми е да го споделам интервјуто со Марина со кое не почасти и во кое се надевам дека ќе уживате.

Еве како Марина Трајковска ни го средува својот Хаос во неколку реченици.

1. Кога сфати дека сакаш да пишуваш?

– Родена сум во фамилија каде уметноста има посебно место. Нејзината моќ ми беше доловена многу рано, на мене беше оставено да откријам, која уметност е таа, во која ќе се рефлектира мојот нескротлив темперамент. Првите школски песнички кои ги напишав, беа првиот знак за мене дека најдобро можам да се изразам себе си преку пишаниот збор. И се започна токму со една моја песна која победи на школскиот натпревар во 6то одделение. Оттогаш не се одделив повеќе од пишувањето.

2. Од каде дојде идејата и мотивацијата за книгата ” Совршен Хаос “

– Кога човек ќе добие можност да поседува една сопствена градина со најразлични цветови, некои трнливи, некои толку нежни, да го искуси различниот мирис во еден момент посакува да ги покани сите во својата градина. Инспирација ми е сопствената градина, а мотивација хаосот на секој чивек, кој е совршен во својата форма.

3. Сега по толку години од издавањето на првата книга што е она што би го додала?

– Првиот дел од “Совршен Хаос” не би го менувала ни по 100 години, доколку ја земам во предвид рефлексијата на читателите. А во останатите делови би додала уште многу животни приказни и би подигнала уште еден куп табуа.

4. Од што се изненади (посебно од самата себе) откако беше издадена твојата прва книга “Совршен Хаос” ?

– Иако трилогијата беше наменета за германскиот пазар, сосем непланирано излезе тука. Немав апсолутно никакви очекувања, бидејќи се работи за книга која обработува многу вистини со кои нашето општество често не сака да се соочи.
Оба што најмногу ме изненади беше дефинитивно реакцијата на родители, чии пораки до ден денес ми покажуваат дека “Совршен Хаос” излезе во вистинско време. Сопствената храброст да извадам “на тацна” еден огромен број на вистини кои не сакаме да си ги признаеме, е нешто што секогаш ќе ме изненадува.

5. Што е она што најтешко ти падна да им го пренесеш и вистински да им го доловиш на читателите за да те разберат?

– Во книгата зборувам за земји кои сум ги посетила, а се зафатени од ужасни конфликти. Дефинитивно тоа ми беше најтешкиот дел, бидејќи некои чувства и глетки се толку тешки и болни што дури и пенкалото во рака се тресе.

6. Кој е твојот омилен автор? Македонски и/или странски?

Имам два автори кои ги обожавам – Теодор Фонтане и Елиф Шафак.

– Класика, Фонтане ги доловува толку добро клучните цели на неговите книги, истовремено оставајќи во приказна со добро обработени заплети.
Ја сакам Елиф Шафак бидејќи секогаш има приказна која ми е интересна. Сакам историја, а Елиф многу добро знае да ја вклопи историјата во животна приказна.

7. А со кој писател би седнала на кафе и книжевен муабет?

– Би ги поканила само Елиф Шафак, Руми и Фонтане – тоа би било некаде во Казабланка во дворот на џамијата Хасан II, бидејќи токму тоа место ме асоцира на сите од нив по малку.

8. Која книга најмногу влијаела врз тебе?

– Сите записи на Руми што дошле во моите раце, пред се поемоте и неговите суфистички учења имале огромно влијание, врз мојата личност, а најмногу врз мојата инспирација.

9. На која книга и се навраќаш повеќе пати?

– Токму на онаа која до ден денес е огледало на среќни, тажни, мотивациони, клучни моменти. Секогаш се навраќам на книгата која ми покажува колку сличности има во овој различен свет – на “Совршен Хаос”

10. Кој е твојот “ритуал” додека пишуваш книга?

– Пишувам кога ќе стигнам и каде ќе стигнам, се случило да станам среде ноќ и да ја запишам мислата што ми прелетала. “Совршен Хаос” е пишувана претежно на аеродроми или за време на летовите. Тогаш на толкава оддалеченост од се, сум најефективна.

11. Дали е на повидок нова книга?

– За оваа година доаѓа третиот дел од “Совршен Хаос” со што ќе се комплетира едно парче од мојата душа. Откако трилогијата ќе биде преведена на германски и англиски, ќе размислам за следните дела.

12. Што би им препорачала на читателите?

– Во ова време кога се изгледа така хаотично и технолошки детерминирано, читањето е благодет и луксуз што треба да си го поклониме себе си. Она што книгата им го дарува на умот и душата е неброено богатство.

Изработи :Мартина Дурљанова