Битола на 15 септември 2019 година ќе ја добие првата градска трка на 5 и 10 км, како и многу светски градови. Зад идејата стои тим на градски ентузијасти вљубеници во трчањето кои под името Трчај бе преку социјалните мрежи ја започнаа својата кампања.

За себеси ќе кажат:

Ние не сме атлетски клуб.
Нам не ни се најважни тие кои први ќе ја поминат целта, иако им се восхитуваме и им ракоплескаме.
Секој голем напор и секое поминување низ целта се победа за сите нас.
Нашата цел е да создадеме што повеќе задоволни Трчај бе вљубеници и да им помогнеме да ги поминат своите први и најбрзи километри.
Ние сме тркачите на Битола и со Трчај бе создаваме нова спортска приказна за градот.

Што е за нас Трчај бе?

За нас да трчаш не е само по себе цел.
Денес заборавивме да се движиме.
Многу седиме, во автомобил, автобус, на работа, дома пред ТВ или компјутер или отсутни гледајќи го екранот од нашите смарт телефони.
Потребно е да се потсетиме што значи движењето во животот.
Сите луѓе се родени да трчаат.
Трчај бе е акција со која повторно ќе се потсетите зошто децата трчаат и без причина.

Зошто токму трчањето?

Денес како цивилизација имаме најдобри услови да живееме витално. Информации, програми, лични тренери, технички направи и методи. Сето тоа ни е достапно. Но, сепак нешто грешно правиме – статистиките покажуваат дека нашата генерација е првата која ќе живее пократко од нашите родители.
Трчањето е едноставно – нема потреба да учите сложена техника.
Временски е исплатливо – можете да трчате од врата до врата во вашиот стан или по скалите до вашиот кат.
Не зависите од други – не ви е потребен тим од луѓе.
Трчањето е достапно – опремата не е скапа.

Нашата мисија

Трчај бе има моќ да го промени животот на битолчани.
Трчај бе ќе ја организира првата градска трка.
Трчај бе ќе ве натера да почувствувате што значи да се придвижите и физички и духовно.
Блескава промена е да истрчаш една трка и низ целта да поминеш со подигнати раце.
Ние тоа ќе Ви го озвоможиме, за да почуствувате колку трчањето може да Ви го промени животот на подобро.
Чест ни е да бидете Трчај бе тим со нас.

Историја

Започнавме во Јуни 2018, кога неколку истомисленици се собраа и одлучија да развиваат идеја Битола да добие прва градска трка во 2019 година.
Таа иницијална група работеше цели 6 месеци на контакти со слични иницијативи и организатори на настани, поврзани со трчањето во држава и во странство. Собиравме искуства и насоки за реализирање на својата прва цел, да ја организираме првата градска трка на 5 и 10 км во Битола. Имаме поддршка од организаторот на Скопскиот маратон и ќе ги користиме нивните значајни искуства.

Здружението формално е регистрирано во Декември 2018 год.

Во Јануари 2019 прв пат ја откриваме идејата пред јавноста и ја започнуваме кампњата на 15 септември во Битола, на и 5 и 10 км да трчаат сите оние кои веруваат во Трчај бе.

Тоа сме ние, а Трчај бе си ти, кој ќе одлучиш да не следиш.

На Фејсбук официјалната страница, на Инстаграм и на Твитер.
А најсреќни сме ако вистински трчаш и ти на 15 септември со нас низ улиците на Битола.