Традиционално секоја година, битолските домаќинки подготвуваат козињаци и ролати за Велигден. Со овој рецепт ќе направите превкусен козињак и ролат од истото тесто.

Потребно (за 1 козињак и 2 помали ролати)

Состојки:

2 јајца
250 мл млако млеко
70 г растопен путер или маргарин
1 квасец
120 г шеќер
1 ванилин шеќер
брашно по потреба околу 600 г
1 лажичка махлеб

За премачкување:
1 жолчка
2 лажици млеко

Фил по желба, овде се употребени:

300 г мелен рогач (можите да ставите мелено афионово семе)
250 мл млеко
200 г шеќер
1 ванилин шеќер

Се попаруваат рогачот и шеќерот со врелото млеко и филот е спремен.

Подготовка
Се активира квасецот во млакото млеко и шеќерот и се меша со миксер со останатите состојки за тестото. На почеток ставете 500 г брашно па подоцна по потреба ќе додадете уште. Се мати со маталките за тесто околу 10-15 минути и се остава на топло да стаса околу 1 час или додека не го дуплира волуменот.

Потоа се преместува тестото на набрашнета површина и се премесува убаво со намрсена рака. По потреба додадете уште брашно додека тестото не престане да се лепи. Колку подолго се меси тестото, толку повеќе ќе има конци.

Оставете го уште 1 час да постои.

Потоа поделете го на 2 дела. Од едниот дел исучете кора и премачкајте ја со половина фил.

Ако ролатот не ви го бери во тавчето, поделете го на два дела.

Другата половина од тестото се дели на 3 дела за да добиете 3 плетенки.

Секој дел се раширува во долгнавеста форма со помош на сукало, се нанесува филот и пак се затвора. Со трите дела се плети плетенка и се преместува во намастен калап.
Се оставаат да стасаат околу 30-40мин. Се премачкуваат со жолчка помешана со 2 лажици млеко и по желба наросете ванилин шеќер одозгора.

Се печат во загреана рерна на 180 степени, откако ќе поруменат малку се покриваат со хартија за печење и се печат уште 20тина мин. Ако ви е прејака рерната, намалете ја температурата на 150 степени.

Испечените козињаци се покриваат со кујнска крпа и се оставаат убаво да се изладат пред да се сечат.