Тоше Проески, прерано згаснатата македонска и балканска ѕвезда, во 1997 година, како петнаесетгодишен средношколец од музичкото училиште во Битола, учествувал во снимањето на првите сцени од холивудското филмско остварување „Миротворец“.

Проески играл во филмот покрај светските ѕвезди Никол Кидман и Џорџ Клуни, а заедничкото снимање го искористил и лично да се запознае со нив.

– Се сеќавам дека екипата што беше задолжена за снимање на филмот дојде и побара во Средното музичко училиште во кое учеше Тоше, деца кои знаат убаво да пеат, а патем и убаво изгледаат, ни раскажа Славен Ристовски, зет на Тоше Проески и човек кој лично присуствувал на реализацијата на неговиот ангажман во филмскиот хит. „Во училиштето, се разбира, прв го препорачаа Тоше. Уште во првиот момент кога го видоа луѓето од филмската екипа, веднаш им се допадна“.
Првите сцени на „Миротворец“ во кој учествува Тоше се снимени во црквата „Свети Димитрија“ во Битола.

Локацијата не е случајно избрана- храмот кој е подигнат во 1830 год. изобилува со прекрасен ентериер, украсен со полиелеи (црковни ламби), резбан епископски стол и иконостас во резба. Градена е во форма на трикорабна базилика со галерии на кат над јужниот и северниот кораб, а капелите имаат изглед на пресечена пирамида.

Искуството да се учествува во еден холивудски проект, а патем да ја запознае и својата омилена актерка, Никол Кидман, за Тоше било незаборавно искуство. Тој, според зборовите на Ристески, бил воодушевен од средбата со познатите актери.

– За жал, во тоа време, пред 11 години немаше многу камери, фотоапарати, па не успеавме да направиме заедничка фотографија на Тоше, Никол и Џорџ. Се сеќавам дека седевме во хотелот „Епинал“ во центарот на Битола, а покрај Тоше на масата беа и двајца- тројца негови другари од средното училиште. Во моментот кога дојдоа Никол и Џорџ, Тоше само извика „Иииии…“. Тоа беше неговата прва реакција кога ги здогледа двете ѕвезди и за првпат се запозна со нив. Беше многу задоволен, му се направи ќефот, му се оствари еден сон, да ја запознае омилената актерка“, вели Ристески.

– Ја запознав Никол Кидман за време на снимањето на филмот „Миротворец“, каде што се појавувам на самиот почеток на филмот кога пеам во црква. Нашата средба и запознавање беа кратки, тогаш имав 15 години, изјави Тоше во едно од своите постари интервјуа.

Желбата на Тоше за глумење не е случајна, особено ако се има предвид дека неговиот дедо, по кого и е крстен,(н.з. татко на таткото на Тоше, Никола), Тодор Проески долги години бил актер во крушевскиот театар. Оттаму воопшто и не е чудно што Тоше со задоволство го прифати и предизвикот да заигра во една од епизодите на популарната хрватска сапуница „Забранета љубов“,за која ја испеа и насловната нумера „Срце није камен“.

Во серијата Тоше ја имаше улогата на 25-годишниот студент Бошко Цутиќ, кој живее на сметка на своите родители, а треба да ја заведе келнерката Ива, која ја игра Марија Кобиќ.

Глумата ме привлекува и одлично се вклопив во целата екипа на „Забранета љубов“, но моја прва љубов е музиката со која интензивно се занимавам. Сепак,којзнае, можеби еден ден сериозно ќе го прифатам актерскиот повик“, своевремено изјави Тоше.

-Со оглед на интересирањето што владее за прикажување на сцените во „Забранета љубов“ во кои глуми Тоше, се обидовме да стапиме во контакт со продуцентите на популарната сапуница, „Fremantle“ продукција од Загреб. Оттаму, преку претставникот за односи со јавноста, Андреја Штурлиќ, не’ информираа дека засега немаат конкретно решение околу тоа дали и кога ќе се прикажуваат сцените во кои глуми Тоше.
Инаку, покрај филмот „Миротворец“ и серијата„Забранета љубов“, во однос на актерските ангажмани на Тоше, пред неколку години беше најавено и снимање на филмот „Ловец на души“ за чија насловна улога се планираше Жан Клод ван Дам и во кој Тоше беше предвидено да има мала улога, но и да отпее дел од музичките теми. Филмот требаше да се развива и овај проект остана нереализиран.

Извор Утрински.мк