Од 1 до 4 јули во Барселона, Шпанија, се одржа 34-от годишен Конгрес на Европското здружение за хумана репродукција и ембриологија. На овој, најмасовно посетен конгрес од сите досегашни, кој се одржа во Centre de Convencions Internacional de Barcelona (CCIB), учествуваа 12.179 учесници од 130 земји во светот. Меѓу нив беа и претставниците од Болница „Плодност“ д-р Христијан Трпчевски и ембриолозите Николче Огненовски и м-р Стефан Матиќ.

На овој настан беа презентирани најновите технички и научни достигнувања од областа на асистираната хумана репродукција, како и најновите тераписки модалитети, а беа одржани и предавања од областа на репродуктивната медицина, фармакотерапија во репродуктивна медицина, клиничка и базична ембриологија, андрологија и репродуктивна урологија, репродуктивна генетика и клиничка психологија и легислатива, од страна на реномирани и истакнати светски предавачи.

Тимот на Плодност зеде активно учество во целодневните курсеви пред конгресот на 01 јули, од кои д-р. Христијан Трпчевски работеше на Процедури и техники за ембриотрансфер, а ембриолозите Николче Огненовски и м-р Стефан Матиќ беа дел од Основите и развој на системи за култивација во ИВФ.

Од 24-28 јуни во Атина, Р. Грција, се одржа 17-тиот Светски конгрес на фетална медицина. На овој конгрес, како претставници од Болница „Плодност“ учествуваа д-р Кристинка Пајаковска, специјалист гинеколог-акушер и д-р Марија Христовска, специјалист гинеколог-акушер.

Светскиот конгрес беше наменет за специјалистите гинеколози, но и за докторите со поопшти клинички интереси, кои сакаат да бидат запознати со најновите сознанија и настани во оваа област. Водечките меѓународни експерти и млади истражувачи ги презентираа и дискутираа за најновите случувања во феталната медицина. Фондацијата за фетална медицина е Регистриран добротворна организација која има за цел да го подобри здравјето на бремените жени и нивните бебиња преку истражување и обука за фетална медицина. Фондацијата, со поддршка на меѓународна група на експерти, воведе едукативна програма и за здравствените работници и за родителите, со цел да се издадат серија сертификати за компетентност во различни аспекти на феталната медицина.