Со празникот Иванден е поврзан и обичајот Тајане-Бојане, што се изведувал во повеќе краишта на Македонија,меѓу кои од последните неколку и во битолско.

Имено вечерта спроти Иванден момчиња и девојки собирале билки со кои закитувале едно ѓумче и го полнеле со вода од три чешми. Едно од нив на возраст од 10-12 години го носело ѓумчето на глава и него го викале „Тајане“, а другите момчиња и момичиња оделе околу него и му пееле пригодни песни. Утрото групата со Тајането одела по дуќаните каде што исто така, пееле песни и собирале подароци од кои потоа правеле заедничка вечера. Притоа се пеело:

Тајане, Бојане, имам брат Свети Јоване,
ункеши, ункеши, ункеши по маглата.
По магла, по магла, по магла ситна роса,
по роса, по роса, по роса мома боса.
Играле момите крај манастирот,
калуѓер гледа од пенџериња,
фрли си шапка на герамиди,
од герамиди на трендафилот,
белата брада на берберница
црната брада на касапница.

Кус опис на овој обичај пред околу еден век направил М. Цепенков кој сведочи дека во Битола спроти Иванден „ќе нанижат еден ѓум со секакви цвеќиња и ќе му клаат тел од невестата што гувеела. Ќе го покријат со еден превес и ќе му го клаат на некое дете на глаа, да го носит. После ќе се ватат девојчињата рака за рака, секое спроти бојот, та ќе одат од чешма на чешма пеејќи една влашка песна вака: „Тајани, ѓанизмата кок’ за, ќи к’ за“ и др.

Утрото ќе шетаат по куќите и ќе пеат та ќе му даваат кај пари, кај брашно, кај масло и др. Од собраното зајре ќе направат и сите ќе ручаат, а парите ќе си и делат или ќе и купат нешто емиш за јадење.