Најпрвин здраво и да Ве поздравиме од нас и нашата страна за Битола Бабам Битола. Ако можи мало инфо за нашите читатели, од каде дојде вашата идеја за вдомување на напуштените кучиња во Битола и дали само тоа е решение за нив, колкава е големината од љубовта кон кучињата и животните, каде се наоѓа стационарот за вдомување и друго…

Здраво битолчани и почитувани читатели, јас сум Светлана Трајковска родена на 14.10.1964 г. од Битола, машински инжинер и моментално вработена. Мојата љубов е голема кон сите животни, но посебна е кон кучината.Ја Ја сакам природата и настојувам да ја одржам и заштитам. Ги сакам животните можеби зошто сум порасната кај баба ми на село, а таму природата и животните се ценат заради потребите и користа. Така да мојата грижа за некое животно е од секогаш и постојано имам улични кучина и мачина кои ги хранам или лекувам.

Таа моја љубов, е вродена и стекната, без услови да почнам активно и во поголем обем да се грижам за бездомните животни. Идејата се појави постепено прво беше загрижено едно, па две, па пет, па…Лошиот однос на нашата средина кон уличните животни, нивната болка, гладот, болестите кои ги косат се основните причини за мојата желба да ги заштитам, нахранам, лекувам, да им пружам заклон. Со тоа мојата желба се претвори во акција од која произлезе моето згрижувалиште!

Најпрво боксови за 8 до 10 кучиња, па се додадоа куќички, па се загради двор каде се ставија куќичките, па потребите налагаа малите кученца да се оделат од големите и така до она што е во моментот. Во некои моменти сум имала и 30 згрижени кучина, помали или поголеми.
Се трудам,со помош на волонтери кои ги сакаат животните, да згрижам повеќе бездомничина.
Првиот чекор е носење на кучето до згрижувалиштето, обезпаразитување, внатрешно и надворешно, вакцина, стерилизација и вдомување.

Се разбира тоа не е така лесно и едноставно како што звучи, туку е макотрпно и со откажување од слободно време, вложување и работа за да се постигни се. Најдобро решение за секое куче или маче е да има дом и сопственици, а со тиа заштита и љубов. Но нашата средина за жал е доста сиромашна со љубов кон животните што е многу неблагодарно кон нив. Ние, како луѓе постоиме благодарение на природата и живиот свет.Тоа за мене е животно правило кон кое се придржувам, така ги воспитав моите деца и така настојувам да влијаам врз средината.
Таа грижа и љубов кон природата и животните ќе ме прати секогаш и мислам дека тоа е она вистинското и вредно за жртвување и љубов.

Дали имате тим кој Ви помога во оваа благородна работа, колкави се трошоците за одржување на нормални услови и дали имате некој ваш предлог со кој и ние битолчани би Ви помогнале на некој начин?

Во оваа моја акција за доброто на уличните и бездомни животни добивам помош од здружението Мали херои со нивните активисти и волонтери.Помошта се состои во собирање на кучината од улица, чистење, хранење, објавување.
Секоја помош е добредојдена било да е во храна,прилози за вакцини и стерилизации кои можат да се оставаат кај ветеринарот кој ги лекува, вакцинира или стерилизира,а со тиа ќе се знае дека секој прилог е наменски и за таа цел.Прва моја констатација дека кај нас, во нашево опкружување, за жал, владее неодговорно сопствеништво и лошо однесување кон милениците. Многу луѓе заради престиж во средината, земаат миленици, а не се спремни за тоа. На крај тие исти, скапо платени мачина или кучина, завршуваат на улиците како бездомни!
Затоа многу пати знам да напишам статус:
,,Милениците не се плишани играчки кои кога ќе ви здосадат ќе ги ставите на некоја полица да собираат прашина и да чекаат на вас’’!

Тоа го пишувам кога сум многу лута и разочарана од односот на луѓето кон животните!
Втора констатација: Неодговорни сопственици ги пуштаат милениците неконтролирано да се парат, а потоа ,,не-расните бебиња ги фрлаат по улици, сокаци, паркови, со што уште повеќе се зголемува бројот на бездомни животни!
Настојувам да докажам колку е важно да се стерилизираат и кастрираат милениците, сега барем тоа е можно и лесно.

Дали секој кој не е задоволен од неговото куче може да го донесе кај вас или пак обратно, некој да дојде и да вдоми куче од вашиот стационар?
За жал има и такви кои купиле скапо кученце но недораснати на обврските, ми се јавуваат да ми го ,,поклонат’’!
Тоа е она кое ме лути многу бидејќи во очите на некои личности јас сум таа која треба да ги ослободи од нивните миленици!
Има луѓе кои се големи љубители на кучина но финансиски не се моќни да купат и идат да си вдомат од оние кои се згрижени. Е тие ги ценам и сакам!
Мојата желба е секое животно да си има дом и сопственици и стално ќе се борам за тоа и колку да сум чудна во очите на луѓето.

Бидејки напуштените улични кучиња се симбол на едно нефункционално општество, што би им препорачале на битолчани во иднина околу нив и љубовта која ја заслужуваат?

Кога секое семејство или поединец би имале миленик нема да постојат бездомни животни. Постојано кажувам колкав е придонесот на милениците за хармонијата во секојдневието, во воспитувањето на децата и градењето карактер. За жал ние сме сеуште со ниско ниво на свест за животните и природата. Не разбирам зошто, но навистина е така.
Човекот е најголемиот виновник за болката и страдањето на живиот свет и природата .
Не сакам да критикувам, но кај нас односот кон животните е катастрофален во поглед на законите и нивно спроведување.
А негрижата за животните е резултат на баш таа неодговорност кон послабите…

………………………………………………………….

Од нас голема благодарност до Светлана за нејзиното внимание и одделување на барем малку од нејзиното драгоцено време, сѐ со цел да Ве запознаеме сите вас со неа и нејзината благородна и хумана дејност . Сега и вие, доколку се разбира имате љубов и можност можете да ѝ помогнете и да вдомите некое од овие прекрасни миленичиња. Навистина голема битолчанка. Респект…