Во строгиот центар на Широк Сокак, во срцето на Битола, одма до Католичката црква се наоѓа кафе бар каде, веќе повеќе од една цела деценија одат на кафе и пијалок најградските битолчани, бар кој некогаш “на времето” во стара Битола, бил мини-стоковна куќа…


Стоковната на трговецот Славко Патче….


Објектот бил дел од една голема целина и заедно со сите објекти во таа редица во тоа време биле правени од Французите, самите визби и подруми биле меѓусебно поврзани еден со друг, како еден вид на тунели и скривалишта со што од секој објект можело незабележано да се стигне до сегашниот дел на Магнолија.


Семејството на Патчеви било една поголема фамилија која првобитно живеела во близина кај Старата болница и со купувањето на куќата од Турчин се преселуваат на Широк Сокак. Славко Патче бил голем еснаф и боем, типичен градски битолчанец,
посветен на фамилијата-
прав домаќин…


Патче едниот дел од куќата го направил да биде мини стоковна куќа, додека во другиот живеел со својата фамилија.
Во стоковната куќа имало се и сешто од игла до локомотива, секакви облеки ала-турка, ала-франга, предмети за домаќинство, зидни и рачни часовници, радија и мн.други работи.
Се продавало и злато кое тогаш било многу барано и користено од богатите битолчани и конзули од тоа време.
Стоковната куќа успешно работела за време и на Втората светска војна, послем која објектот од страна на државата се национализира и дури сега пред некоја година му се враќа на наследниците.


За време на војната еден период во неа бил криен големиот Стив Наумов од германската војска, на кој и му било помагано од газда Славко и за спомен му доделил и едно радио од неговата стоковна куќа…

There is nothing to show here!
Slider with alias zaednicki not found.


После војната и покрај помагањето на партизаните Славко завршува девет месеци во битолскиот затвор, како наводен воен профитер и богаташ, каде бил измачуван со цел да го каже каде се наоѓа целото негово богатство.


Целокупните архивски снимки, фотографии и документи се уништени од страна на службите со цел од нив повеќе трага да нема.
Славко Патче од еден некогашен успешен и богат трговец, станува обичен работник кој се вработува во Кожарата и покрај сето тоа што му се случи, се посветува на остатокот од животот и неговата фамилија, до крајот води еден нормален и достоинствен живот се до 1980 год. кога умира во Битола.


Повеќето битолчани последно ја паметат како канцеларии на ЗИК Пелагонија и како берберница за времето на социјализмот.
Со приказната му оддаваме една голема почит кон него и неговата фамилија, за неговите големи непризнаени дела, за зачувувањето и одржувањето на еден дел од Широк Сокак….
т.н. стоковна куќа на Славко Патче,
во срцето на Битола, Бабам Битола…