Да напишеш нешто за битолчанките на ден пред 8-ми март, ми дојде како особено тешка задача, кога ми напиша порака основачот на сајтот Битола бабам Битола, кој е мој драг пријател. Тој ме замоли да напишам нешто за жените на овој град, со малку претење: “…Е овој пат, нема каде да бегаш ”.

Зошто лани, вешто го избегнав. Такви сме ние битолчанките. Умееме итро да се извлечеме.

Фото А.Јонациќ

Прво, затоа што 8 март најчесто сурово критички го коментирам и не сакам тука со овој текст да влегувам во било каква дубиоза, дали со денот на жената, жените добија или изгубија повеќе. Па ете, таа тема ќе оставам за друг пат.

А за битолчанките пак, веројатно ќе бидам субјективна, од причини што не само што сум родена во Битола, што би рекол татко ми – родена наспроти ОУ Гоце Делчев во срцето на градот, туку генерации мои наназад и по линија на мајка ми и татко ми се родиле и живееле во овој град, па имам право да кажам дека паметни и убави жени имало и ќе има во Битола. По мене, постојат битолчанки кои го запирале времето и некогаш, па и денес. Ретки се, но ги има.

Од моите игри со сестра ми пред салонското огромно огледало порабено со седеф кај нашата баба, носејќи го фустанот од свадбата на другата ни баба, а двете баби биле другарки од детство, направен од чиста свила за која татко и, мојот прадедо нарачал од странство свилени буби кои ги одгледувал, до натегањето кој ќе го стави на себе турбанот од прабабата со брош со некои темно црвени камења, симнувајќи ги тешките завеси без никој да не види и вртејќи ги околу себе како наметка од брокат која треба да се влечка. Сакале или не, да ти тече битолска крв во вените, да го живееш животот на старата градска традиција и во новото време, веројатно е чувство на припадност, па и гордост. Затоа, не се лутете на мојата субјективност.

Фото А.Јонациќ

За битолчанки се пишувало многу. Опеани во песни, низ љубовни писма и мемоари… Од оние наши предци кои ги носеле фустаните и шапките набавени од Париз и Виена или пак од Стамбол град, под чии прозори пееле серенади или тајно по соседски линии се праќале љубовни пораки, преку нашите мајки кои ги слушале Пол Анка и Битлси и пиеле пунч облечени во весели дезени, стегнати во струкот со жипони, а на нозете со балетанки, со коса подигната во предизвикувачки коњски реп, сурово “прекинувајќи” ги удварачите со отсечен поглед, а заљубено гледајќи ги во првите автомобили низ битолските улици во тоа време или на веспи на кои битолските шизици се фотографирале со своите часовници, по некогашната Маршал Тито.

Битолчанките важат за убави жени и навистина се убави и со надворешна, но и внатрешна убавина, жени кои го запирале времето и суверено владееле по градските штрафти. Надворешно можеби надмени и ладни, но во себе вистинска мистерија. Нивната појава и колку да звучи претенциозно ги засенувала другите жени. Битолчанка… Тоа ми звучи како Елени од сторијата со Ататурк или како некоја јунакиња од романите на Владимир Костов. А тоа не е мој фазон. Не затоа што не верувам во легендата за Елени и Кемал или затоа што не го сакам Костов, кој патем беше професор по македонски јазик на мојот татко и низ чија домашна библиотека како дете имав право да разгледувам книги, зошто релацијата омилен ученик и професор им останала за век. Напротив, ги сакам и легендите и фактите за Битола и за битолчанките. И во тие раскажувања просто сум доживувала мигови во кои како да ми се обраќале мене. Но, овде не станува збор за книгите и за битолчанките во книгите, туку во тоа некакво доживување на мојот град. И да, тука веднаш се бунам, колкумина го нарекувале градот свој, му пееле, го славеле, а од него направиле токсична фабрика на лицемерие, омраза, бахатост, некултура, па и злоба. Но, нема да одам со мрачни теми на мрачната минатосегашност.

Фото А.Јонациќ

Ќе се согласите дека градот го прават луѓето. За жал многу битолчани го напуштиле, па дојдоа нови жители на кои само им препорачувам да го сакаат градот кој го избрале за свој. А Битола ќе ги научи да станат битолчани, освен ако тие тоа не го сакаат. За себеси ќе кажам дека сум мохикански настроена битолчанка, доволно самосвесна да дишам со полни гради во градот кој го губи својот сјај низ годините, а и доволно луцидна да верувам во некое ново градско руво кое можеби во еден миг во иднина повторно ќе мора да засјае, некако.

Имам пријателки кои не се родени во Битола, а живеат тука и со нив често зборуваме на тема, која е потрагата по себеси и по другите, давајќи осврт на тој битолски грув. Перспективите ни се различни, но пулсот е сличен. Јас како битолчанка сакам да ги славам тие споеви на луѓе со добриот дух на овој град во чија суштина, ако добро ја познавате Битола лежи спонтаност и искреност без осудувања. Мака ми е од исклучивости, од табори, од партиски другарчиња и од квази локалпатриотизам. Верувам во оние кои Битола ја сакаат пошироко и подлабоко. Во невидливите нитки кои ги врзуваат луѓето на еден ваков микротопоним. За оние кои имаат комплекс што не се од Битола. Но, и за оние кои се згрозуваат како другите им го фатиле местото.

За мене денес битолчанката е жена со ментална состојба на личност која сака да живее во освестен град. Жена која не се оптеретува со минатото, самозаљубено во тоа што е битолчанка, туку и е важно кон што тежнее, што сака, кого го сака и како го сака? Жена која е исто толку отворена за ново, колку што сака да го чува споменот на старото од традициите, но тоа да не биде стереотип кој ја гуши. Битолчанката има вистинска љубов кон фасадите, па макар и трошни, кон кучињата скитници, таа знае да почести со пијалок непознати туристи, таа сака да биде назависна и си го брани своето Јас. Таа е жена во чиј дом има детал кој го има и некоја нејзина двојничка од Стокхолм или Лондон, иако Битола е концептуално оддалечена од тие градови. Но, во тоа е финтата. Мојот град е така градски и концептуално оддалечен. Зошто мојот град во моите очи е Голем Град. Зошто има повремено засјајување на некои ѕвезди како што се уметниците кои останале да живеат во Битола, какви што се учесниците во критичната маса Битола на точак, скејтерите кои навечер се возат пред театарот, цртачите на графити, како што е Јагода, некогаш слаткарница на крајот од Широк Сокак, а денес нашата локација на која одиш сам и наоѓаш не неколку, туку многу свои луѓе. Многу битолчанки, Битола ја побарале во Штутгарт, Чикаго, Мелбурн и Копенхаген. Две мои најдобри другарки се во Њујорк и Љубљана. Ќерка ми е во Лондон, сестра ми е во Лос Анџелес. Некои отидоа да најдат работа, некои да се школуваат, а некои да побараат и љубов. Битола по тоа прашање им се затвори. На многумина им се затвори, на некои одамна, на некои неодамна. Па затоа ги спакуваа пасошите на кои им пишува дека се битолчанки и заминаа подалеку, многу далеку за Битола ретко да ја гледаат. А Битола е навистина убава кога и се враќаш, со сите нејзини доблести и маани.

Драги мои битолчанки, можеме ли да бидеме една на друга поддршка?

Да бидеме она што сме?

И да бидеме подобри од она што сме?

Да даваме и да добиваме.

Да сочувствуваме.

Да погледнеме во очите на другите. Со благ и неосудувачки поглед.

Да се смееме.
Со насмевките да разоружуваме. Многу намуртени сте ле во последно време.
Да се цениме.
Да се восхитуваме една на друга.
Да го гаснеме вулканот на љубомората и озборувањето кое за жал Ви стана секојдневие.
Нема Први и Втори. Сите сме битолчанки. Тоа не смееме да го заборавиме.
Да победуваме на личен план.
Постојано да учиме.
Да критикуваме со стил. Духовито и проникнувачки.
Да се даваме себеси во она во што веруваме. Да веруваме.
Да се храбриме. Да пружаме рака. Да бидеме топли.
Да стоиме исправени и горди.
Да не се плашиме.
Гласно да кажеме.
Да не трпиме.
Да гледаме во небото и во облаците секојдневно.
Да му пркосиме на гравитацијата.
Да левитираме.
Да сакаме секогаш и силно.
Да бидеме жени. А не кукли.
Да бидеме битолчанки.

Љубица Ангелкова, новинар и ПР експерт