Живот низ синапси… Шекспир во Битола и Горан Стефановски во Битола

Вчера се случи за прв пат промоција на книга на Битола Шекспир Фестивалот.

Не заради тоа што се немало такви идеи, туку заради фактот што во Македонија реално на прсти се бројат книги кои се избориле да бидат издадени, а се посветени на театарот.

Дарко Јан Спасов, стои зад туркањето на идејата „За милоста, размислувања за Шекпсир“ од Питер Брук, да се издаде. Преводот е негов, а промотор на оваа книга беше Билјана Крајчевска-драматург во Народен театар Битола.

Е сега за синапсите…

Јан Спасов е Директор на Драмскиот аматерски фестивал во Кочани – идејата за фестивалот за Кочани е родена тука Во Битола пред 60 години.

Градот Кочани одлучува да каже благодарам на градот Битола за иницирање на фестивалот кој многу им значи. Со помош на нивниот Градоначалник размислуваат како да кажат благодарам.

Се присетуваат дека Горан Стефановски е македонскиот Шекпсир. А битолски театар има Шекспир фестивал.

Разговараат со семејството на Горан, кое ја подржува идејата да се наслика портрет на кој ќе се подари на Народен театар Битола. И имаат сериозни причини за тоа.

Горан Стефановски е интимно поврзан со нашиот театар.

Неговиот татко Мирко Стефановски, инаку роден во Битола беше директор на битолски театар и Горан туку ги прави првите свои чекори како дете.

9 дела на Горан Стефановски биле одиграни на сцената на театарот.

Така од вчера овој портрет на Горан Стефановски ќе биде на најубаво место во Народен театар Битола.

Некои идни генерации ќе ја раскажуваат приказната како овој портрет, дело на уметникот Орхан Ќамил се нашол во Народен театар Битола.

Горан Стефановски е нашиот Шекспир

“Правиме врска меѓу живите и мртвите, меѓу тие што ќе умрат и оние што ќе се родат. Се надевам дека ќе поминат многу помалку години од оние што беа потребни да сфатиме кој е Шекспир, овој пат да поминат многу помалку години за нашите генерации да сфатат дека и ние сме имале наш Шекспир, Горан Стефановски“, рече драматургот и преведувач Дарко Јан Спасов, претседател на Драмскиот аматерски фестивал-ДАФ.

Текст: Љубица Ангелкова

фотограф: Александар Буневски