Патничкиот воз кој вчера попладне влегувал во Битола удрил во автомобил на автошкола кај полигонот за обука и полагање на возачи. Од сударот била предизвикана само материјална штета, повредени лица нема.

Со цел во иднина да бидат избегнати ваквите несакани ситуации, Општина Битола апелира до корисниците на полигонот за обука на возачи, да го користат пристапниот пат кој се поврзува со локалниот пат преку селата Долно Оризари – Карамани.

За таа цел, од општината ја објавуваат патеката на движење за пристигнување до полигонот за обука на возачите стои во соопштението.

Од наша страна ќе Ви презентираме уште неколку пристапни патишта и решенија кои се надеваме во блиска иднина и некои ќе се реализираат:

1.Да се премести железничката пруга која ќе го заобиколи полигонот и така патниците ќе имаат една убава полигонска панорама и конечно решение за безбедноста на возачите почетници.

2.Патека за движење со амфибија по реката Драгор од каде после Долно Оризари ќе се вклучат тркалата и по земјен пат ќе се пристапи до полигонот.

3.Шо си е сигурно си е сигурно. Пат прав и со асфалт, производство 2018/19 год. Битола-Новаци-Трап-Трн-Карамани-Полигон. За Трап-Трн асфалт ќе си замислите дека има.

4.Со хеликоптер од Битола до аеродромот во Логоварди каде се оди пред време во ВЦ и повторно со хеликоптер на полигон, каде ќе Ве очекува инструктор со возило од автошкола. Ова е најбезбедниот начин за сите!

5.Битола-Могила-Трап-колата на трактор-Трн-Карамани-Полигон

6.На автомобилот од автошколата се вадат гумите и така на бандаши од Битола се вози по пругата и точно кај полигонот се ставаат повторно гумите и се упатувате на лице место за вежбање.

Ако Ве сретни возот бидејки сте автошкола ќе сака одма да ве размини, секако посреде со галама и голема свирка.

Решенијата и пристапните патишта се дел од рубриката ЛабавО и се со цел малку да Ве подзамислат кога ќе се упатите на полигонот во Битола заедно со вашата Автошкола.