1. Што преставува „Сѐ за храна” и кој е виновникот за сите ние да имаме баш ваков прекрасен онлајн магазин за здрава храна, рецепти и професионални совети?

Главните „виновници“ за креирање на Сѐ за храна сме две битолчанки. Иако многумина не знаат за тоа и сметаат дека sezahrana.mk се наоѓа во Скопје, сепак ние гордо можеме да се пофалиме со овој проект. Во текот на нашите магистерски студии, како млади девојки ни се јави потреба од ваков специјализиран сајт за храна, каде што ќе може да прочитаме различни информации за здравјето, намалување и одржување на телесната тежина, но и брзи испробани рецепти. Тоа беше нашата мотивација и на 1-ви Мај 2012 година, додека другите го празнуваа празникот на трудот, ние одлучивме да започнеме со нашата идеја. Главните виновници сме ние, М-р Марија Кочовска и М-р Катерина Спасеновски, кои имаме магистрирано во областа на храната, а за надополнување на нашето знаење посетивме голем број на обуки за нутриција од светски реномирани универзитети.

М-р Марија Кочовска
М-р Катерина Спасеновски

2. Кој е тимот позади „Сѐ за храна” и од каде ја црпите инспирацијата, енергијата, убавите фотографии и илјадниците разно/разни рецепти?

BITOLA TOUR GUIDE / ПРЕВЗЕМЕТЕ ТУКА _____________________________________________________________________________________

Во нашето патување со Сѐ за храна низ текот на годините, освен ние двете како основачи и главни уредници на сајтот, ни се имаат приклучено и други членки автори кои несебично споделуваат убави јадења, рецепти и совети и помагаат во ширење на нашата мисија, за што срдечно сме им благодарни. Тука би ја споменале и Маја Ѓореска Николовска која е дел од потесниот тим во последните години. Инспирацијата и енергијата за одржување на сајтот и креирање на нови содржини и рецепти се насекаде околу нас. Нив ги проаѓаме во секојдневниот живот и разговорите со пријателите, познаниците, патувањата и дегустациите на храна ширум земјата, но и во странство. Големи љубители сме на традиционалната македонска кујна и секогаш штом имаме можност разговараме со повозрасните, со цел да ни ги пренесат знаењата и рецептите, а ние да ги приготвиме истите и да ги објавиме на sezahrana.mk. Покрај тоа, секогаш сме расположени за дегустација и истражување на другите кујни ширум светот. Патувањата ги користиме за истражување на традиционалната храна во земјата на посета, а доколку некој рецепт ни се допадне го приготвуваме и кај нас со наши состојки или го прилагодуваме колку што е можно повеќе, па правиме вкусни собири со најблиските за пренесување на искуството.

3. Колку време постоите, дали од сето има бенефит и како сте прифатени кај пошироката домаќинска публика?

Како што споменавме Сѐ за храна постои повеќе од 7 години. Придобивките од страницата се во креирањето на убави пријателства, дружење со многу луѓе, размена на идеи и искуства, а најважно е сè е пренесување на македонската традиционална кујна на идните генерации и креирање на „мала“ енциклопедија на едукативни содржини на македонски јазик. Секогаш се трудиме информациите кои се објавени да бидат проверени, корисни и практични. Нѐ радува што многу добро сме прифатени низ цела Македонија, a и ширум светот каде што има наши иселеници. Благодарение на нашите читатели кои ги има преку 800 000, Сѐ за храна од постоењето до денес е во најдобрите сајтови во Македонија, за што сведочат и бројните награди како дел од победниците за најдобар сајт за храна и здравје, и најдобар блог.

Дел од модерниот изглед на нивниот блог “Сѐ за храна”

4. Луѓето кои ја сакаат храната, се секогаш најдобрите луѓе. Мит или вистина?

Би рекле дека голема вистина во тоа. Добро приготвената храна, нам и на многумина, е добар мотив за дружење, уживање со пријателите и семејството.

5. Дали битолчанки и во поново време битолчани полека стануваат или се врвни кулинари кои секојдневно ги користат вашите предлози и рецепти?

Не би сакале да ни замерат другите, но од нашето досегашно искуство можеме да потврдиме дека има многумина битолчанки и битолчани кои се врвни кулинари. Познаваме голем број наши пријатели кои се експерти во кујната, па секојдневно разменуваме рецепти, искуства, кулинарски совети и разни јадења.

6. Што му недостасува на градот во делот на исхрана и подговување на храна и дали размислувате за отворање на некој вид „Сѐ за храна ресторан” каде сите љубители би можеле и во живо да ја вкусат вашата здрава храна, да ги добијат најдобрите совети и секојдневно да се дружат со вас?

Во Битола може да се направат многу работи за да се подобри целокупната состојба. Она што најмногу недостига е соработката. Кога би имало поголема отвореност и расположение помеѓу граѓаните за да се соработува, помага и да се поддржуваат идеите на локалните активисти, градот би напредувал многу повеќе. Шетајќи нив земјите во светот, секаде имаме забележано почит кон нивната храна и традиција, што не е случај во Битола и Македонија. Така пример во еден мал град во Италија, во најголемиот дел од рестораните беше достапна само италијанска традиционална кујна (пица, тестенини и неколку салати), а насекаде низ центарот имаше мали продавници врз кои беа изложени низи со чили пиперки, кромид и традиционални месни преработки. Ние имаме многу вкусни и убави јадења, кои ретко се служат во рестораните.

Искрено досега не сме размислувале за отворање на „Сѐ за храна ресторан”, но стоиме на располагање за сите ресторани во Битола да им помогнеме во нивната мисија, а ако се расположени и да им укажеме на некои препораки во согласност со светските практики, како во поглед на креирањето на менито, така и во изработка на нутритивна анализа на јадењата, приказ на јадењата низ професионални фотографии, а секако и во насока на маркетинг тактики за зголемување на продажбата и поголема промоција на вредностите на Битола, регионално и во светот.

Направете крцкави крилца во рерна по рецепт од “Сѐ за храна”

7. Дали имате некои волшебни совети или рецепти за слабеење за три дена, за енормно зголемување на килограмите, за подмладување или за држење на беспрекорна линија?

Волшебни совети не постојат. Иако многу од порталите пласираат вести со такви наслови, сите многу добро знаеме дека реално тоа е невозможно. Нашата мисија и цели, се секогаш да пласираме реални и проверени информации, истражувања, а не да поттикнуваме „лажна надеж“ за остварување на желбите за слабеење, младост и слично. Животот е процес полн со промени и треба да го прифатиме неговиот тек. Умереноста е клучот на здравјето и среќата. Посветеноста на долг рок е најважен фактор за постигнување на посакуваните резултати во однос на убавината и физичкиот изглед. Здравиот животен стил, надополнет со повремено „наградување“ со некое вкусно, сочно, или слатко задоволство е патот кон остварувањето на желбите и постигнување на психофизичка задоволност.

Како да направите салата од сурими ракчиња и компири по рецепт на девојките од “Сѐ за храна”

8. Што би им препорачале за крај на сите љубители на здрава храна и исхрана по повод многубројните зимски слави и празници кои забрзано ни доаѓаат во периодот кој следи?

Како што спомнавме и погоре, умереноста е клучот на среќата. Нашите препораки се само умерено, што повеќе локално и свежо да се хранат нашите читатели. Наредниов период ни доаѓаат многубројни слави и празници, па непретерувањето е клучно. Сѐ што е претерано штети, така и прекумерната консумација на мрсна и слатка храна е штетна по здравјето. За читателите им предлагаме неколку наши совети за умерена исхрана за време на празниците, а секако им стоиме на располагање за различни совети или рецепти за празничната трпеза и им посакуваме убави празници со многу среќни моменти!