Како една од најголемите и најјаки градби од Пекмез Пазар беше куќата на хирургот Ќосич, во која неговата сопруга имала нејзина стоматолошка ординација. Таа се наоѓаше на сегашниот дел од почетокот на споменикот Филип Втори, на делот од тогашната ул. Крал Петар која продолжуваше покрај Отоманска па покасно Француско-српска банка сѐ до мостот на Интифа.

Фотографија испратена од Димче Најдов, десно е објектот на Иконому, некогашен Австриски Конзулат

Овај објект е срушен во 1946 година и беше една од најјаките и најцврсти градби изградени во Битола и тоа со фасадна цигла донесена од Солун. Тогашните градски власти ја прогласиле за ризична за живеење и опасна за околината и при рушењето на Пекмез Пазар неможејќи да ја рушат со голи раце употребија динамит. Од големата и јака детонација парче бетон погодува млада бригадирка на возраст од 17 години која помагаше за расчистувањето на Пекмез Пазар и која почина на лице место. Одлуката за рушењето на Пекмез Пазар е една од најтрагичните одлуки донесена за нашиот град Битола. Сите овие сеќавања и раскажувања нека бидат пример во борбата за зачувувањето на делот од некогашна стара Битола како за сегашните и идни градски власти така и за новите млади поколенија.

Повеќе информации ќе следат во книгата која е во подготовка на проф. А. Стерјовски “Градби” која со нетрпение ја очекуваме.