Ракометарките на ЖРК Пелистер се наоѓаат на чекор до европска пролет во Челинџ Купот, откако во првиот натпревар од третото коло, во Малта славе против Ла Сал со 24-30 (12-17).

Битолчанки добро отворија и поведоа со 0-3 со головите на Божиновска, Талевска и Јанкуловска. Одлично мечот го почна и Дурланова на голот и брзо собра три одбрани. Брзата игра на македонскиот преставник доаѓаше до израз и брзо предноста порасна до 2-7 во 10. минута.
Без потешкотии „зелените“ ја пробиваа одбраната на дебитантот од Малта и кога Јанкуловска погоди од контра во 22. минута предноста порасна до +7. Без многу проблеми избраничките на Викторија Блажевска го приведоа првиот дел кон крај и на одмор заминаа со 12-17.

Екипата на Ла Сал подобро го отори вториот дел, најмногу благодарение на Надја Мисфуд, која застана меѓу стативите. Сепак, најмногу благодарение на играта во одбрана, македонскиот претставник ја одржа дистанцата од 5-6 гола. Кога Анастасија Николовска погоди од контра за 17-25, во 44. минута домашниот стручен штаб повика една минута одмор. Кала и Фаруџа нанижаа голови и Ла Сал спушти на подносливи -5. Сепак, поквалитетната екипа на Викторија Блажевска го возврати ударот и со серија на голови, славеше со 24-30.
Најеификасни во таборот на ЖРК Пелистер беа Николовска со шест и Јанкуловска, Божиновска и Талевска со по пет гола. Одлична на голот беше Сандра Дурланова. Кај Ла Сал се истакнаа Кристина Кала со седум, Добранчева, која даде пет и Франческа Фаруџа, автор на четири гола. Возвратниот натпревар се игра в недела на 18 ноември во спортската сала „Боро Чурлевски“.

Извор Гол. мк