Приказните на нашите деца можат едноставно да забавуваат, но тие поучуваат, нудат прилики за отворање различни дебати кои можат да се развиваат бесконечно и да опфатат различни теми, неопходни за воспитување вештини на 21 век – вели Весела Весе Богдановиќ, која со своите ученици од ООУ „Кочо Рацин“, с.Ивањевци, Могила, се потпишани како автори на првата книга со детски бајки и илустрации „Магични стапчиња и шарени лижавчиња“.

Што содржи оваа збирка?

Книгата „Магични стапчиња и шарени лижавчиња“ содржи 29 бајки напишани и илустрирани од деца на возраст од 9 години, инспирирани од познатите приказни од целиот свет. Иако секој од нив има лична збирка, лично богатство од голем број приказни кои ги напишал и ги чува како драг спомен, изборот на приказните сместени во оваа книга го направиле сите заедно – децата и нивната наставничка Весела Весе Богдановиќ. Илустратори на збирката, исто така, се децата, и тоа, НЕ илустрирал секој за својата приказна, туку се работело тимски – секој илустрирал за секоја приказна, со цел да си помогнат едни на други, секој секому колку што може.

Приказните се поделени во три циклуси, и тоа: Принцови, принцези, кралства и магични стапчиња,Дедомразовските авантури и тајните на снегулките и Најчудните патувања и магични доживувања.

Но, што е тоа што е особено важно за овој вид приказни?

Бајките во оваа збирка се приказни полни со математички предизвици, реторички поставени со цел воопшто да не го оптоваруваат читателот и да немаат директни очекувања од него. Тоа значи дека детето може да ги решава задачите за да ѝ помогне на Снежната Кралица да ја пресмета количината на замрзнатата вода, да му каже на кралот колку нови облеки не успеал да проба до вечерта и така натаму, но и не мора. Може едноставно да ужива во друштвото на омилените ликови и нивните доживувања. Детето читател има прилика да се дружи со зборови од секојдневниот живот кои упатуваат на математички операции, и тоа, дешифрирање на зборовите, односно нивно поврзување со собирање, одземање, множење или делење, што може да биде најкорисна игра која ќе овозможи добра основа за разбирање на текстуалните задачи. Потоа, по истиот пример тоа може и самото да се обиде да напише своја задача штом веќе било во контакт со сличен производ напишан од другарче автор.
Но ако ги оставиме математичките предизвици настрана, приказните зборуваат за заедничко живеење на различни ликови, поделба на работата меѓу членовите на една заедница во која секој придонесува на свој начин, но и за почитта кон постарите и нивните веќе стекнати навики.

За крај…

На страниците на „Магични стапчиња и шарени лижавчиња“ ќе се сретнете со многу тајни, авантури, патувања и магични доживувања, создадени од перото на малите фантазери – децата. Ви ветуваме дека ќе биде забавно. Читајте и одмарајте се додека моделирате ковчежиња, ликови, магични музички кутии и бајковити светови. Овој магичен свет на бајките ќе стане и најубав украс во секој дом, во секоја детска соба. И не заборавајте да напишете своја приказна – порачува издавачот на оваа издание, Издавачката куќа Просветно дело, Редакција Детска радост.

Врати порака

Please enter your comment!
Please enter your name here