rrem_vivid

Со жалење одма на стартот морам да констатирам дека просекот од ден на ден се намалува, но просечниот битолчанец и понатаму со градот царува. Низ градот наш мил поминале разни бегови, аги, султани, валии, конзули, Тоше, Игор Џамбазов, страшни ѕвезди на фудбалската и ракометната игра и кој уште не, но она што во меморијата на градот останува се просечните битолчани и в сушност тие се легендите на Битола, шампиони, двигатели на градот.

Не ми е намерата тука да ги споменувам поединечно низ историјата, сите ги знаеме, ги има многу, туку сакам да кажам збор два за навиките на просечните битолчани од памтивек до денес, а гарантирам 100%, тврдам, дека до крај на векот тоа нема да се смени. Па да почниме :

Секој просечен битолчанец, најмалку два пати денот пие кафе. Едно кафе пие обавезно на Широк Сокак и ако живеј во горниот дел од градот, второто кафе го пие во новиот пазар или во Кеопс, за да не слегва по два пати, угоре-удолу да прај на секое.

Секој просечен битолчанец, органски неможи да ги поднеси скопјаните и со нив се расправа за било што. Дури и кога гледа вести, ги прати презентерите и само ако еден збор го кажат со скопски дијалект, настапува серијал од пцуење кој трај точно до спортските вести. Најкористена фраза во битките против скопјаните : ЕЕЕх море ко се играше валцер во Битола, во Скопје уште со билии игравте …

Секој просечен битолчанец, е спремен во секое време, кога треба, па дури и во 2 по полноќ да го разбудат, можи веднаш да ја превземи фудбалската репрезентација и да стани селектор. За ракометната репрезентација и воопшто за ракометната игра да не зборам, само кај мене в мала имаме една цела постава на раководство спремна во секој момент ако во случај си поднесат оставка овие од РФМ. Исто така секој просечен битолчанец во секој момент можи да биди : градоначалник, премиер, претседател, генерал. И после секој пораз на Пелистер, од кој било, во кој било спорт, во секое маало има по еден тим, кој сега без тренинг, би изиграл подобро.

Секој просечен битолчанец, дома во фиоката кај што го чуваат лебот има едно цело најлонче полно со најлончиња и си седи таму, тоа никој не го гиба. Не дека на некој му требаат толку најлончиња, ама сепак, за арно за лошо тука се.

Секој просечен битолчанец, во шише од Пелистерка чува ракија и секој барем два пати во текот на едно лето се залетва и се запива наместо вода, во тешките горештини , си накрева од ракијата. А после тоа пцуе по сопругата, иако тој ја преточил ракијата од тубата во шишето. Иначе во текот на преточувањето од тубата во шишето, просечниот битолчанец е најсконцентриран, од шо е сконцентриран можи чакрите да ги фрли на неќење.

Секој просечен битолчанец, во фрижидерот чува паковка од сладолед која во лето ја полни со пиперки печени, а во зима со сарми. А во визбата има цела резерва од најмалку 10-тина такви паковки кои најчесто се користат за студентите ко ќе треба да се пушти манџа, сирење, мусака, ќофтиња за Скопје, Штип, Љубљана, Марибор …

Има уште многу навики и карактеристики кои ги поседува просечниот битолчанец, но би скратил за да ни остани за друг пат да имаме за што да си помуабетиме, а и за да не ви стани досадно. За мајтапите, сеирите и кабадајлукот во наредна прилика и во наредно специјално издание. Само за крај сакам да кажам дека секој просечен битолчанец, има роднини во Мелбурн, Сиднеј, Перт или Камбера …

Ај да ми живејте !!!

Виктор А.К.А Башлак