Седумдесет и осум години од Народното востание на македонскиот народ против фашизмот. Седумдесет и осум години од започнувањето на борбата за ослободување на македонскиот народ. Државен празник во чија чест се организираат разни свечености и прослави, свечени концерти, положување на цвеќе на гробот на претседателот на Президиумот на АСНОМ, Методија Андонов – Ченто . . . Рибизлата (битолски урбан лик кој секојдневно ја освојува планината) малце поразлично од веќе споменатото. Празнично на топло чоколадо на 2601 мнв на чист воздух и по некој мистичен облак.


05.00 ч.
Ѕвони првиот аларм, дали да си прилегнам или да станам да се спремам… преостануваат уште триесеттина минути да тргнам со автомобилот кон Националниот Парк Пелистер. Станувам брзински, цакум пакум се средувам, ранец, по некое јаболлче, бонжитка две и заминувам…06:15 ч.
Денешната авантура ја започнав од Инфо Центарот, познато за повеќето вљубеници на планината како „На Лазо Вилата“… По патот за до Широка со умерено темпо,за загревање, се упатив кон местото познато како „Палиснопје“, прекрасен летниковец за да го поминете слободното време во викендите… Полека полека после „Цапарска Пресека“ се приклучив на патеката викана „Болници“


и го започнав искачувањето на Пелистерот наш.. Патека која изобилува со разнолика природа, борова шума, малинка, капинка, во летниот период и по некоја јагодка. Првата пауза следуваше на „Зајчев рид“.

Голтка вода, голтка природен сок од аронија и продолжи искачувањето. Веќе ја поминав чешмата веднаш пред почетокот на камењарот пред Антена, патеката продолжи по камењарот, видливо обележана, интересна, со блага елевација.


10:20 ч.
Стигнав на Антена, таму ме пречекаа вработените кој се грижат за тој витален објект, полни со позитивна енергија и ведар дух.

Се напивме по еден чај, си кажавме збор два за планината и се поздравивме. На почеток магловитото и облачно време за момент ме изненади, позитивно, со по некој зрак сонце и тивко ветре, што ме задржаа уште неколку минути на „Димев Врв“ за по кратко време да го започнам спуштањето по патот преку Широка. За некој сат веќе се спуштив до почетната точка. Така заврши уште една од Авантурите на Рибизлата

Не сите училници имаат четири ѕида. Некои имаат сртови и планинарски патеки…