Го паметам кога го насликаја. Сите деца бевме радосни и среќни. Го цртаја на скелиња. Штета шо тогаш немавме мобилни ќе се изнасликавме со него. А и не е толкава штета ко ќе видам денес шо му прават мобилните на децата а и на сите нас. Нејсе, беше тоа едно безгрижно и убаво време, златниот петел светеше долги години и “кукуригаше” со секое сабајлешно отворање и затворање на чаршијата. Поминаа повеќе од дваесет години. Ако не и триесет. И после толку години шо ако остарен и избледен, иако пробушен со компресор од климатизер, како синкир да немаше друга алтернатива, сеуште стои исправен и горд!

Неговата денешна состојба

Затскривајки се зад дрвцата кои ја покриваат, можеби од срам, неговата голема силуета, си велам дека сигурно чека подобри времиња заедно со освежувањето и бојадисувањето на заштитената и стара битолска чаршија.
И еден убав ден повторно да закукурига. Заедно со мојот град…
Петелот на Малиот Битолски Монмартр…
Петелот од мојата младост…