Пелистер е противник на Шкендија во финалето на Купот на Македонија во фудбал на 9 мај. По драматичен натпревар на „Кукуш“ во Турново ја совлада Академија Пандев со 3-2 по изведување на пенали, откако натпреварот во регуларниот тек заврши 2-1, како и пред три недели во Битола. Така втора година по ред за трофејот од Купот ќе се борат Пелистер и Шкендија.

Домашниот тренер Тренчовски им даде доверба на Балдовалиев и Атанасов во нападот, а гостинскиот тренер Секуловски по проблемите со затруените фудбалери, се одлучи за комбиниран тим во кој Маневски не доби шанса од првата минута за сметка на Благојче Марковски, а Наумоски почна пред Неданоски. Струмичани беа поактивни и во првиот дел креираа серија на можности за водство. Атанасковски неколку пати се обиде до придодавање од втор план и удари со глава, а најзрелата шанса ја имаше Мишов, кој излезе сам пред Петровски, но биеше преку голот.

На средина од првиот дел натпреварот беше во прекин, откако еден неодговорен гледач од Битола со тврд предмет го погоди помошникот судија Петрески, а по интервенција на припадниците на МВР, веднаш беше приведен. Во финишот на првиот дел Наумоски ја имаше најзрелата можност за гостите, но биеше млако и Истатов одбрани.

На почетокот од второто полувреме двојна колосална шанса имаа фудбалерите на Академија Пандев, но Илче Петровски фантастично ги одбрани ударите на Балдовалиев и Атанасов од непосредна близина. Постојано се играше на половината на битолчани, но некогаш организирано, а некогаш збркано, момците на Секуловски ја сочуваа својата мрежа.

И кога сите очекуваа гол во мрежата на пелистерци, во контра напад на Филип Миленковски, битолчани освоија простор, а Благојче Марковски со резантен удар го матира Истатов и го доведе Пелистер во водство од 0-1.

Крстовски, Велиновски и Дориев влегоа во игра во тројната замена на домашниот стручен штаб на 20 минути до крајот на натпреварот. Во 72. минута Чешмиџиев од изгледна позиција биеше по средината на голот, но Петровски пак беше добро поставен. Една минута подоцна Љупчо Дориев се обиде од дистанца, но биеше над голот.

Сепак, подобрата игра на струмичани вроди со плод и по акцијата на Балдовалиев, младиот Атанасов ја втурна топката од само неколку метри и израмни на 1-1 во 74. минута.

До крајот нападите на Академија Пандев беа збркани, но во 88. минута по центаршутот на Балдовалиев, со глава скокна и ефектно ја заби топката во мрежата младиот Марио Крстовскиза финални 2-1.

Следеше пенал-рулет, како во финалето во Струмица во мај минатата година, а повеќе среќа и концентрација имаа домаќините, откако Петровски одбрани пет казнени удари, на Балдовалиев, Димов, Крстовски, Дориев и Атанаскоски, а одлучувачкиот пенал го постигна Ристе Маркоски за победа од 3-2 на битолчани.

Извор Гол.мк

Врати порака

Please enter your comment!
Please enter your name here