Во врвот на својата активност чаршијата броела триесетина разни пазари, како Пекмез Пазар, Овчи Пазар, Дрвен Пазар, Маст Пазар, Житен Пазар, Ат Пазар, Сточен Пазар, Тус Пазар, и др. Најубавиот од нив бил Пекмез Пазар кој се протегал околу Саат кулата. Пазарот бил составен од дуќани кои биле градени во половината на 16-ти век од страна на Мехмед Ефенди-кадија, кој ги поседувал сите дуќани заедно со Јени џамија.

ВО Пекмез Пазар се продавал мед, пекмез, слатки, благи работи и др. Уништен бил со рушење и динамит во 50-тите од 20-ти век за потребите на големи народни плоштади за што и се фалеле тогашните власти. А од тогаш е и оваа анегдота. Имено кога големиот југословенски функционер Моша Пијаде ја посетил Битола во 1950-тите истите му се фалеле со рушењето на старите објекти низ нашиот град:

“Друже Пијаде, све смо разрушили, и тамо, и тамо, и тамо” (покажувајќи со рацете кон Пекмез Пазар) “Изградили смо велики плоштад за потребе народне масе! ” на што Пијаде категорично му возвратил дека “Драги другови, вечу глупост нисте могли да направите”*.

Познавајќи ја Битола каде престојувал пред Втората Светска војна и гледајќи ја неговата тогашна состојба им се заканил на градските власти дека повеќе тула не смее да му фали на Стара Битола.

Ретка заштитена фотографија од германска колекција

Дал голем допринос и за зачувувањето на Широк Сокак кој за малку ќе останел без неговата десна страна. Границите на изменетата улица требале да бидат исти со почетокот на стоковната куќа Корзо, сегашен Веро маркет.

Инаку Моша Пијаде – чичко Јанко (хебрејски: משה פיאדה, е евреин роден во Белград на 4 јануари 1890 г. и починал на 15 март 1957 г, сликар, новинар и ликовен критичар, револуционер и учесник во НОБ. Повеќе години бил во највисоките државни и партиски функционери на ФНРЈ и КПЈ. Тој учествуваше во создавањето на одлуката на Второто заседание на АВНОЈ и на првиот Устав на СФРЈ. Носител на партизанска споменица од 1941, Орден за херој на социјалистичкиот труд и Народен херој на Југославија. Моментално во Битола има само една мала уличка во старата битолска чаршија која го носи неговото име.

*Петар Ставрев, новинар и хроничар

Врати порака

Please enter your comment!
Please enter your name here