Во недостиг на точни информации, но и со голем ентузијазам за запознавање на баба Џишка, во околината на манастирот не добивме многу информации од битолчани, бидејќи најстарите познавачи се одамна изумрени а пред некој месец починал и најстариот 96 годишен комшија на манастирот св. 40 Маченици во Битола.

Во текот на вчерашниот дел објавивме мал дел за баба Џишка, градителката на манастирот, и тоа мало раскажување од тамошните жители кои ни раскажаа дека таа немала поколение и дел од запознавањето на писателот Владимир Костов. Но тоа баш и не било така.

Во интерес на вистината денес нѐ контактираа нејзините наследници кои ни се заблагодарија за обновување на спомените за таа голема жена и во еден здив ни ја раскажаа целата приказна за неа и градењето на манастирот:

Баба Џишка

Баба Џишка или Ленка била убава плава жена, битолчанка , од среден раст со изразито убави плави очи, и заради нејзината убавина го добива својот прекар Џишка. Најпрво била мажена за битолчанецот Стојан кој бил убиен од Турците со кого имала неколку деца, а последна била ќерката Марија. Нејзината младост и самотија ја натерала повторно да се омажи, овојпат за Тасе со кого немала деца. По извесно време од непозната причина децата почнале да и се разболуваат и да умираат. Му останала само ќерката Марија од бракот со првиот маж Стојан. Ленка живеела под самата црква на угорницата од десна страна. Судбината продолжува да си го прави своето и нејзиниот сопруг Тасе ослепува, додека единствената ќерка Марија започнала многу да се разболува. Бидејки била премногу разочарана утеха побарала кај Бога и почнува дење и ноќе да се моли за да му остани барем Марија жива. На сон и дошол светец и му рекол: “Ќе се качиш горе на каменот и ќе палиш свеќи и на сабајле и навечер и ќе се молиш “.

Марија, ќерката на баба Џишка

Ленка тогаш била 25 годишна млада девојка и ѝ било срам од комшиите да оди да пали свеќи. Бидејки не била присутна постојано, неколку вечери со ред повторно го сонувала истиот сон дека мора да го прави тоа ако сака нејзината ќерка Марија да му остани жива. И така Ленка започнува секој ден, и сабајле и навечер, да пали свеќа и да се моли. По извесно време зачудена дека постојано пали свеќи, од нејзината потсвест во сон го запрашува светецот на кој му пали свеќи? Светецот и кажува: “Тука се убиени 40 војничиња од кои еден од нив бил муслиман и затоа турците викале Кркардаш, а ние 40 маченици” .

Некогашниот изглед на манастирот

После ова Ленка со помош на двајца комшии, една жена која ја викале Иљојца и друг маж, на кој не му го знаеме името и бил крив и грбав *, почнале заедно да берат камења и на раце да ги носат горе. Одејќи од куќа на куќа за да ја остварат нивната добродетелска дејност барале и собирале пари од великодушните битолчани. Голема помош добиле и од тогашната црковна власт и започнале да ја градат црквата работејки дење и ноќе. Од црковните власти ја побарала и иконата од 40 маченици која и ден денес постои во црквата. Така Ленка продолжила и со нејзиниот аманет: секој ден наутро и вечер да пали свеќи и да се моли, по што започнале и други луѓе да доаѓаат во црквичето и да ноќеваат за здравје и заедно да се молат со Ленка. Така Ленка (Баба Џишка) го добила свеченото признание од црковната власт. Кога зела заклетва од Ленка ја прекрстиле Катерина. Од преголема благодарност народот и црковната власт не само што ја посетуваа црквата туку и домот каде живееше баба Џишка. Од тогаш, па се до нејзината смрт баба Џишка го помина својот живот во црна мантија и како слугинка во црквичето. Умира на 89 години во 1958 година точно на ден Прочка. Ќерката Марија ја има истата судбина. Раѓа шест деца од кои само три му остануваат живи, другите сите му умираат. Најстариот син Митко загинува во војната како млад војник. Остануваат само едно машко Пецо и едно женско Василка. На сон добива порака дека треба да присвои дете ако сака да му останат овие двете живи и присвојува уште едно машко дете по име Душан. Исто како нејзината мајка и нејзе млад му умира сопругот и цел живот го поминува како вдовица. Закопана е во старите гробишта кај црквата св. Недела, гроб до гроб во близина со нејзината мајка, само што таа е закопана со нејзините три дечиња…

Легендите за светите места во нашиот град постојано се присутни меѓу сите нас битолчани. За големите дела кои некои од нас ги имаат т направено, како во овај случај баба Џишка, ќе поминат низ многу години и низ многу поколенија, за еден ден да дојдат до сите нас. Во овај случај многу влијание има несреќната и тажна судбина која била во нивната фамилија.

Раскажувањето е од нејзините потомци Маре Колева, Аница Трпевска, Силвана Таневска кои се распостелени насекаде низ Македонија, од Битола до Ресен и Скопје и ги поздравуваме. Гробовите на баба Џишка и нејзината ќерка Марија се изградени и обновени од Роберт Трпевски од Скопје. Голема благодарност до нејзината внука Лидија Неделковска која контактираше со сите нив и од која ја добивме целата приказна.

Вечна ќе бидиш баба Џишка…

* Според Јулијана Георгиевска грбавиот пријател кој и помагал да ја изгради црквата се викал Славко, со прекар Сучко. Во преданијата раскажани од нејзина стара комшивка (родена 1910 година) ѝ е прераскажано дека тој се сакал со Ленка Џишка, а по него бил креиран ликот во книгата на Владимир Костов.