По неколку македонски тренери, за прв пат во историјата РК Еурофарм Работник екипата во новата сезона ќе ја води странски тренер. Српскиот стручњак Ѓорѓе Чирковиќ, поранешниот селектор на кадетската репрезентација на Србија, веќе пристигна во Битола и го одржа првиот тренинг.

Чирковиќ искажа задоволство за новата средина и зборуваше за предизвикот кој го доведе во Македонија.

За понудата од Еурофарм Работник:

Доби професионален повик од клубот и по само две средби се договоривме. Ми се допадна амбициозноста на претседателот и со задоволство доаѓам во Битола. Јас сум млад тренер, но сум слушал само убави работи за ракометна Битола, традицијата во овој град и фантастичната публика.

За македонскиот ракомет:

Добро го знам македонскиот ракомет, пред се Вардар и Металург, против кои играв во СЕХА лигата. Полека се запознавам со Еурофарм Работник, на ТВ ги гледав натпреварите од минатата сезона и имам идеја како ќе играме. Сакам да го извлечам максимумот од екипата која ја имам. Наследив скоро готова екипа, веројатно ни недостига само едно десно крило, бидејќи на оваа позиција го имаме само Ѓукиќ.

За амбициите во Европа:

Заради високиот рејтинг на македонскиот ракомет имаме одличен статус во ЕХФ Купот. Се наоѓаме на 120 минути до место во групната фаза, што би било сон за клубот. Така, ќе се обидеме да им понудиме на љубителите на ракометот уште најмалку шест европски дуели напролет. Мислам дека можеме да играме и да се надеваме на успех со секоја од екипите со кои може да не соочи ждрепката.

Минатата сезона Еурофарм Работник одигра четири натпревари во Челинџ Купот, а сега ќе се обиде да направи чекор понатаму и да презими во ЕХФ Купот.

Извор РК Еурофарм Работник