Издавачката куќа Просветно дело ја најавува најголемата промоција на книга досега – промоцијата на книгата НАШИОТ ПАТ од авторите Марко Марковиќ GP и Стефан Рашковиќ Steffonator!

Откако најомилените јутјубери во Македонија, GP и Steffonator, го објавија видеото НАШАТА КНИГА на своите јутјуб-канали, информацијата за тоа дека овие момци напишале книга за Просветно дело молскавично одекна насекаде! Нивното видео достигна над 70 000 прегледи за само 4 дена, а интересот за книгата е толку голем што од издавачката куќа Просветно дело изјавија дека пристигнуваат побарувања секојдневно од сите градови во Македонија.

Промоцијата на книгата е најавена за 26 јануари, в сабота, со почеток од 12 часот, во МКЦ, а младите автори се приготвуваат за најголемиот митап на своите обожаватели и следбеници досега!

„Датумот 26.1. 2019 година го најавувавме две недели пред да го објавиме официјалното видео за НАШАТА КНИГА и го прогласивме за најзначајниот датум во нашите животи досега. Започнавме и со одбројување до настанот… Книгата ја посветивме на сите што веруваа во нас!“, изјавија јутјуберите.