Со доаѓањето на Евреите во Македонија, во текот на вековите се гради и една нова култура и нова економија. И не само тоа. Видни Евреи се вклучуваат и дејствуваат во македонското духовно и револуционерно движење во втората половина на 19 век и во почетокот на 20 век. Во 1896 година во Битола имало повеќе од 20 Евреи – членови на ТМОРО и голем број симпатизери на револуционерната борба против турскиот поробувач. Во 1903 година околу 200 еврејски семејства активно го помагале Илинденското востание со оружје в рака, или со давање сигурно скривалиште за востаниците, пренесувале оружје, собирале храна и парични прилози. Најистакнатите учесници во Илинденското востание биле: Рафаел Моше Камхи, Санто Ароести, Ментеш Моше Камхи, Мушон Нисон, Аврам Нисон, Бектеш Пардо и др.

Рафаел Камхи

Рафаел Моше Камхи е роден во Битола на 15 декември 1870 година – почина во Тел Авив, Израел 1970 година доживувајќи сто години) е македонски револуционер од еврејско потекло.

Далечната 1894 година се запознава со Даме Груев и влегува во ТМОРО. Учествува на Првиот конгрес на ТМОРО во 1896 година, во Солун, како битолски делегат на местото на Даме Груев. Бил вмешан во Аферата Мис Стон. Заради неговата револуционерна дејност во 1903 е депортиран заедно со брат му Ментеш во Дебар. Се поврзал со тамошната организација и под името Скендер Бег, учествувал во Илинденското востание во Дебарско.

Рафаел Моше Камхи потекнува од познато еврејско семејство од Сефардскиот род, кое кон крајот на 15-ти век се населило на Балканот по прогоните на Евреите од Шпанија и моментално е едно од најголемите во светот. Неговите предци биле едни од најпознатите општественици, трговци, банкари и сопственици на бродови во Османлиската империја.

Татко му, Моше Соломон Камхи, бил банкар, претприемач и снабдувач на турската војска. Мајка му, Роза Батино, потекнувала од прочуено граѓанско семејство од Јанина. На деветгодишна возраст останал без татко, а десет години потоа починала и мајка му.
Се школувал во еврејското училиште во Битола, во кое учел француски, турски и грчки јазик. Заради често поставуваното прашање: зошто во нивното училиште се учи на грчки јазик, во што имал поткрепа и од својот директор Нахмијас, заедно биле исфрлени од училиштето.

Тука некаде во тие училишни години, во таа постојана војна меѓу грчките и бугарските егзархиски учители во Битола, започнува и разгорот на револуционерниот бунт кај младиот Рафаел. А тука, во Битола, веќе било силно развиено македонското национално ослободително движење. Директор бил Ламбро Попов, а учители биле Ѓорче Петров, Даме Груев, Ѓорѓи Стрезов и Стефан Зографов.
Запознавањето со Дамјан Груев, преку братот на Даме, Фидан, било пресудно за неговото определување за македонското револуционерно дело.

Во 1894 година, кога бил формиран и првиот Централен комитет на Револуционерната организација, со претседател Христо Татарчев и секретар Даме Груев, Рафаел се запознал со Даме Груев и го прифатил неговиот предлог во куќата што ја реновирал да направи посебна скривница, во која го чувал оружјето на Организацијата. Од тие денови датира и неговото познанство со Ѓорче Петров, Христо Матов и со Пере Тошев. Истовремено, неговиот дом бил користен за илегално сместување на дејците на македонското национално ослободително движење при нивниот престој во Битола, меѓу кои во неколку наврати биле и Гоце Делчев, Ѓорче Петров, Пере Тошев и Христо Матов. Тоа ја зацврстило и довербата на Организацијата во него и Рафаел сѐ повеќе се посветува на нејзиното дело. При една средба на Гоце Делчев, Ѓорче Петров и Борис Сарафов во Солун, во 1896 година кога Рафаел имал одговорна курирска задача, тој бил официјално примен и покрстен во Револуционерната организација.

Иако некои директни учесници и историчари тоа не го регистрираат, според кажувањата на Рафаел Камхи, тој учествувал на Првиот конгрес на ТМОРО во 1896 година, во Солун, како битолски делегат на местото на Даме Груев, кој наводно не добил дозвола за патување. Зачуваните документи и официјалната историографија го регистрираат присуството на Даме Груев на овој конгрес. Но, според веродостојноста на спомените што Рафаел Камхи ги изнесува, очигледно и тој учествувал на Конгресот или, пак, бил добро запознаен со неговата работа.

Факт е дека по овој конгрес, Рафаел Камхи добива една мошне значајна и одговорна задача: организатор на финансиските акции за помош на Организацијата, нејзин специјален курир и врска меѓу солунскиот Централен комитет, битолскиот Окружен комитет и Задграничното претставништво на Организацијата во Софија.

Таквата активност во која учествувал и неговиот брат Ментеш, не можела да остане неоткриена од турските власти. ,,Ноќта на 17 мај 1903 година, турска патрола влегла во домовите на двете еврејски семејства од битолското маало Али Чауш и со себе ги одвела браќата Рафаел и Ментеш Камхи. По пет-шест дневно задржување во битолската зандана, без да бидат изведени пред суд, само врз основа на полициски извештај од 21 мај 1903 година и службено писмо 133, тие се депортирани во Дебар.

Заради поткупливоста и тромавоста на турската администрација, Рафаел се движел слободно во Дебар, се поврзал со тамошната организација и под името Скендер Бег, учествувал во дебарскиот пожар на Илинденското востание, а потоа и во Малесија.
Без оглед на овие дилеми каде точно дејствувал Рафаел Камхи за време на Илинденското востание, евидентно е неговото учество во него, за што сведочат и неговите исцрпни кажувања за текот на востанието, со јазик и познавање на непосредните настани.
По крвавото задушување на Илинденското востание, Рафаел Камхи извесно време престојува во Битола, каде што биле најтешките последици од турскиот терор: опожарени села и градови, ограбен добиток и храна, уништена и опљачкана покуќнина, општа неизвесност во која е под прашање голата егзистенција на повеќе десетици илјади луѓе.

На 11 ноември 1903 година, во Битола дошол Ѓорче Петров и се упатил кај Рафаел, давајќи му задача: веднаш да замине во Софија, за да на тамошните власти им ја раскаже вистинската слика за Македонија и да се ангажира за материјална помош.

Судејќи по неговите кажувања, во Софија имал повеќе драматични средби со министрите на владата на Бугарија, на кои со многу конкретни факти им ја предочил тешката судбина на македонскиот народ. Особено е карактеристична средбата со принцот Фердинанд, на која Рафаел Камхи изрекол тешки обвинувања на адреса на измамничкиот однос на Бугарија во однос на Илинденското востание: „Јас му раскажав на кнезот Фердинанд подробно за целата историја на востанието, за сите битки и за очекуваната помош од Бугарија да и објави војна на Турција. Ако тоа се случеше, немаше да ни се случи таа катастрофа. Ние ќе победевме. Но, за голема жал, од ваша страна останавме измамени, затоа што не ги исполнивте дадените зборови“, му рекол Рафаел на Неговото царско величество, принцот Фердинанд, на што овој му се заканил дека за такви зборови заслужува најстрога казна.

Потоа Рафаел заминал за Солун каде што се ангажирал за помош на настраданото македонско население. Учествувал во организирањето на низа промакедонски доброволни акции во странство, а и самиот издвојувал сопствени парични средства и друга опрема.

Постои сведоштво на битолската учителка, Захарија Шумлјанска, за тоа дека: „Евреинот Камхи ни даде можеби до 10.000 лева, штофови, платна, ќебиња и облека за нашиот Дом за сирачиња. Тука, воопшто, Евреите се покажаа подготвени да поднесат материјални жртвувања“.

Рафаел Камхи, истовремено, бил активен и во напорите за обновување на Внатрешната Револуционерна Организација, разгромена по неуспешното востание, тој бил сведок и учесник на драматичните расправии за причините и виновниците за поразот на востанието. Тешко ги доживувал расправиите меѓу истакнатите револуционери и меѓусебните обвинувања. Бил ангажиран во подготовките на Рилскиот конгрес на ВМОРО (во 1905 година), за што оставил значајни белешки од еден интересен и драматичен претконгресен разговор меѓу Ѓорче Петров, Даме Груев и Пере Тошев, за натамошните правци на дејствување на Организацијата, за виновниците за неуспехот на Востанието и за изградувањето на заеднички настап на конгресот.

Во раздорот и делбите што настануваат потоа во ВМОРО, Рафаел Камхи останал доследен на своите определби за македонската кауза и огорчен противник на врховизмот. Одржувал најтесни врски со дејците од левицата на македонското ослободително движење, со Ѓорче Петров, Димо Хаџи Димов и други. Отворено им се спротивставувал на политиката и на приврзаниците на Александар Протоѓеров и Тодор Александров.

Но, веднаш потоа, длабоко разочаран од делбите на Македонија и од решенијата на Париската конференција во 1919 година, Рафаел Камхи се преселил од Софија во Солун, каде што во тоа време живееле повеќе од 100 илјади Евреи и Солун претставувал најголем еврејски центар на Балканот.

Набрзо, едно разочарување го заменува друго, уште погорчливо! И Солун го заплиснуваат антисемитските прогони и третманот на еврејскиот народ како “последностепен”. Со доаѓањето на германскиот фашистички окупатор во Грција, Рафаел Камхи ја доживува судбината на своите сонародници. Подложен е на иследување и тортура од нацистите и од грчките колаборационисти. Затворен е и во 1943 година очекува да биде однесен со возовите на смртта во Полска.

Но, благодарение на ангажирањето на Македонскиот национален институт, Илинденската организација и на Националниот комитет на македонските братства од Софија и со ангажирање на бугарската влада е издејствуван посебен третман за Рафаел Камхи, заради што е ослободен и заминува за Софија. Таму, по ослободувањето, во Отечественофронтовска Бугарија и подоцна во НР Бугарија, се вклучува, со особени почести во тамошното ВМРО, бидејќи бил ценет соработник на Гоце Делчев, Дамјан Груев, Ѓорѓи Сугарев, Ѓорѓи Чуранов, Ѓорче Петров, Димо Хаџи Димов и на сите раководни лица на Револуционерната организација, како што му соопштува раководството на ВМРО на директорот на Еврејскиот институт во Софија, Ели Ешкенази, со кој Рафаел Камхи одржувал интензивни врски и кому тој ќе му отстапи значаен материјал за историјата на Македонското Револуционерно Движење.

Со настојување на Македонскиот научен институт во Софија, Рафаел работи на своите спомени, кои ќе ги заврши по своето одење во Израел, во 1950 година. И оттаму, од Тел Авив, продолжува соработката со Ели Ешкенази и со Македонскиот научен институт од Софија, како и со професорот Борис Јановски, врз основа на што ќе се појави и книгата „Јас, војводата, Скендер Бег“, што во 2000-та година во Софија ја издадоа ИК “Синева” и ИК “Шалом”.

Доживувајќи ја својата стота година, Рафаел Камхи во 1970 година, во Тел Авив го завршува својот богат и драматичен револуционерен живот, во најголем дел посветен на македонското револуционерно движење, за што сведочат и објавените сеќавања и неговите ракописи, сочувани во оставината кај семејството на Роза (Камхи) Русо и во архивот на Институтот за национална историја на Македонија.

Сѐ на сѐ, Рафаел Моше Камхи претставува значајна фигура во македонското национално револуционерно движење во кое оставил значајни траги со своето револуционерно дејствување и со своите автентични сеќавања и записи. Тој подеднакво му припаѓал на својот еврејски народ за чие слободно и рамноправно место во државата, што требало да се избори како автономна Македонија, сесрдно се залагал, но истовремено, претставува и чесен син на македонскиот народ, кој сфатил дека татковината во која заедно се живее, мора да се сака со чиста љубов и со лојалност и да се бори за нејзината слобода. Оттаму и долгот на нашата историографија за натамошно расветлување на неговиот лик и дело, како значајна вредност на еврејскиот и на македонскиот народ и на нивната поврзаност со заедничката судбина, заедничката борба и живот.

Користена литература од Македонска нација, Википедија, останати автори, мемоари на Рафаел Камхи и др.