Млади битолчани во Анкара направија макета од Саат кулата

Деновиве во Анкара се реализира меѓународна младинска размена на тема “Make the world green” (Направи го светот зелен) на која што учествуваат членови и волонтери од Здружението за меѓународна младинска соработка Интерактив – Битола. Покрај Македонија, на младинската размена има учесници од Албанија, Бугарија, Србија, Босна и Херцеговина, Шпанија, како и земјата домаќин Турција.

Проектот го реализира Општина Ќечиорен од Анкара кој е поддржан со средства од ЕУ.

Во рамките на проектот, учесниците изработуваа макети од значајни културни и историски објекти, за што македонската екипа ја изработи познатата битолска Саат кула.

Учесниците на размената имаа можност да се сретнат со министерот за животна средина на Р. Турција, градоначалникот на Општина Ќечиорен, а исто така садеа дрвца со амбасадорот на државата Рланда, Вилијам Нкурунзиза.

Претседателот на Здружението за меѓународна младинска соработка Интерактив – Битола, Мартин Николовски, потпиша Меморандум за соработка со Здружението за турска култура, уметност и интеракција од Момчилград, Бугарија со што за уште еден плус се зголемија партнерите за соработка со организации надвор од границите на Македонија. Тој, исто така за Бабам Битола најави дека во наредниот период ќе бидат потпишани Меморандуми за соработки и со организации од Србија и Шпанија, со што делувањето на Интерактив-Битола од локално ќе прерасне на меѓународно ниво, што е една од главните цели од самиот почеток на формирањето на организацијата.

Здружението за меѓународна младинска соработка Интерактив од Битола е непрофитна, граѓанска младинска организација која има за цел да обезбеди можности за локалната младина но и соработка со младите на меѓународно ниво.

Здружението е основано во јули, 2017 година во Битола, Република Македонија.

Целта на здружението е да развива активности и можности за младите во сферата на неформалното образование, промовирање на здрави животни навики, културата и уметноста како и граѓанско општество кои ги поттикнуваат позитивните вредности кај младите луѓе. Активноста на организацијата се фокусира на многу аспекти кои се од интерес за младите: од обезбедување на услуги и информации, до истражување и поддршка за креирање политики и мрежно поврзување. Интерактив работи на создавање на различни одговорни и кооперативни заедници каде што граѓаните активно придонесуваат за социјалниот развој и интеграција. Мисијата на организацијата е да обезбедат одржлив развој на заедницата преку создавање на можности за квалитетно ангажирање на граѓанското општество, унапредување на можностите за учење и активно вклучување на младите луѓе и другите граѓани.