Заграб битолски говорни изрази поврзани со реката Драгор, веќе се понудени во книгата „Реката Драгор’, но нивниот број во битолскиот катадневен живот скоро е неисцрпен. Најчесто и најмногу поврзани се со интересни настани и индивидуи најмногу со лица со полесни ментални проблеми кои, како и во секоја малограѓанска средина, биле дневно дозирано развлечение. Овие говорни градби не се поговорки или пословици, но блиски им се, зашто и во нив има порака и поука, a и лесно се паметат и во соодветни прилики употребливи се како потврда. Имаат и жива локална боја, локален јазик и амбиент, а бидејќи нудат и општоважечки пораки, живеат долго. Некои се во дијалошка форма, во кои додатниот дел е потврда на првичната констатација.

Од повеќето што го совладале времето, овде се оние кои се препознава Битола.

Ми ја напрајвте куќата корзо!

Односно, и децата и останатите во семејството, направиле од домот врвулица, корзо, без ред ко сакал влегува, кој сакал излегува, не почитувајќи забрани или одобренија. Изразов има и блага критика, употребувана од онаа која вложува труд околу домаќинството, од домаќинката.

Мал извадок од книгата Калеидоскоп на Александар Стерјовски