Почитувани дами и господа, сегашни и идни средношколци. Имам чест да ви го претставам најоткачениот, најлудиот и најнедисциплинираниот клас IV2.

Ова не е реклама туку жива вистина, а јас сум среќна што четири лета господови поминав со згодите и незгодите на овој клас.

Симболот на класот, знак за препознавање и секогаш на чело е Ангелина – Енџи. Супер човече со широка душа, ама пусти темперамент нејзин и’ создава проблеми. Мака си има чупето со професорите па една година учеше во Ресен. Ама водата спие таа не – по една година ете ти ја назад. Снаодлива е, нема што! А кога сме веќе кај снаодливите не може, а да не се спомне Весна. Девојчето е невиден бизнисмен. Постојано нуди козметички производи “Oriflame”. Најпрво во класот, а потоа ја прошири мрежата во соседните класови и си бери пари. Затоа ќе биде иден економист. Веднаш до неа седи познатата FLASH или поточно Билјана Д. За неа важи „брзината убива“. На почетокот се лутеше за овој прекар, а подоцна го прифати како комплимент. Дојде времето да ве запознаам со најдоброто друштво во овој клас. Петмина се: Кико, Мано, Љубе, Хипо и Џони.

На чело го ставам Кристијан Ј. – Кико. Човекот мисли се’ најдобро за себе, стана популарна личност, а беше и во квизот „Сепак се врти“. Важно е што тој е „најубав на целиот свет“ (негов цитат), а зарем е лошо некој да мисли добро за себе. Тука е и Мано. Главна преокупација му е да суфлира на час по англиски и да си муабети со комшиите. Може да се каже и дека за еден текст по англиски јазик од четири-пет минути читање, цел ден не дојде на училиште: го вежбаше текстот, се разбира. Прв другар на Мано е Љупчо. Комшии се, заедно се вадат од час. Љупчо е посебно заинтересиран за наставата во гимназијата и затоа е присутен во двете смени. Мерак има човекот по оние од прва и втора. Но, и за тоа треба да си надарен, нели?

Ако некогаш одите во „Булдог“ покрај горенаведените тројца, со сигурност ќе ги забележите Хипо и Џони (Христијан Ѓ. и Јован) или ако сакате „сабота и недела“. Седат еден до друг во училишните клупи, а се и неразделен кошаркарски тандем. Често се шегуваат на сметка на другиот, но сепак се другари во вистинска смисла. Дури и во фризурите се „баш ме брига“.

Во овој клас има и друга „сабота и недела“ – Марија и Џусот (Јасмина). Џусот си е уникатна. И да добие еден или пет таа постојано пее колку што ја држи гласот, и ги нервира сите околу неа. Премногу е добра и пријателски расположена. Патем речено има најмногу плусови во мојот список (за тропање глупости се разбира). До неа седам јас, Марија. Имам фрлено мерак на македонски, па и физика да одговарам пак си раскажувам „прикаски“. Ако имам време заедно со Џусот ги нервирам другите т.е. ја придружувам во пеењето.

Уф, за малку ќе заборавев! Во овој клас успешно работи козметичко-фризерски салон. Главни мајстори на оваа вештина се:
1. Билјана Тр. – вљубена до уши и затоа постојано се грижи за својот изглед. Во нејзината чанта најмалку носи учебници за сметка на кармини, огледала, чешли, четки итн.
2. Катето – или со речникот на Петличкова кажано Лалето, има неверојатна способност за брзо зборување. Ако има новост, во последно време почна да се контролира т.е. ги намалува брзините кога зборува.
3. Лилето, манакенката. Си оди девојлето на модни ревии, ама има една севдалинка во IV – ?? Повеќето знаат кој е, ама оние што не знаат нека ја прашаат неа. Тоа се козметичарите, а сега нешто за фамилијарните луѓе.

Прво – најстарата фамилија. Членови Билјана С. и Ренде (Владе). Тоа е сега за сега. Постојано се заедно, на секој одмор јадат смоки, а не се алергични ни на чоколада, посебно Билето. Александра и Панде тргнаа по нивниот пример. Таа ќе биде доктор, а тој нешто, се уште не се знае што, беше архитект, правник, економист и што уште не. Арно за тоа, ама Емилија П. и Диме Г. да останат покусо од нив, е тоа брате не може, барем не во IV2. Ама немој да сфатите погрешно, немам ништо против нив, баш напротив, навивам за нив.

Тоа се нашите фамилии, ама чекај, матурската вечер нема поминато, можеби „некои“ таму ќе се „врзат“

Кон крајот на оваа листа морам да го споменам Виктор. Надарен за сликарство, уметноста му е во срцето. Ама има нерви човекот да филозофира до немајкаде (најчесто без портеба). До него како верна сенка седи Кире. Тој е главен во класот. Само да не го нервирате многу. Ако некогаш се сретнете со него и го начекате „на нерви“ ви советувам да седнете на стол.

Не ја спомнав Јованка, а ни Билјана Та. Но, едно е сигурно. Јованка е иден дефектолог, а Билето сообраќаен инженер. Овде би ги сместила Лидија и Кочканот (Никола). Лидија – тивка, ама си ја брка работата. Целиот историјат и развој на бубрег го знае на памет. Да беше на факултет (а и без тоа) таа е веќе интернист. Кочканот е нашиот иден “Bruce Lee”, но засега најдобро му одат народните и модерните танци.

Тука некаде е и Пеце – посебен човек. Со многу нерви и висок глас. Си ја имаше земено бељата со една девојка од IV – ? Тој беше Ранду, а таа Касандра. Нагодувате?

И за на крај збор-два и за „странците„. Диме М. си замина во „градот“ Скопје и ич не му е гајле за „провинцијата“. Познат е по своите шеги, но и поезијата не му е слаба страна. Бугарот (Александар С.) беше прв од нашио клас што ја откри Америка во вистинското светло и единствен што остана доследен на своите одлуки. За разлика од него, нашата сентиментална Емилија Т. си се врати на старата и добро позната битолска и шема. Каква Америка – зарем има нешто подобро од тоа да си дома. “Home Sweet Home’.

Тоа е овој клас IV2 накратко. „Свечено со звук на труби и фанфари“ завршува овој текст, уште една генерација оди понатаму, само спомените се паметат долго, оние убавите, се разбира. Ќе има многу Билјани, Катерини, Марии, Александри, Љупчовци, Кристијани во ова училиште и во овој клас, на, јас знам само едно: замина една група интелектуалци во потрага по своето јас и зад себе остави трага во историјата на оваа гимназија.