Зага Продукција или Браќата Манаки од 21-от век. Нивниот пат е од обични нормални деца до професионални фотографи кои низ Битола прават голем бум за кој остануваат вчудоневидени и тие кои децении работат во овој бизнис. Тоа е нивната харизма, упорност и следење на модерните трендови. Нивните видеа ги красат семејните свадбени колекции низ цел свет. И така разговорот со нив започна…

Здраво до вас, кратко и јасно, кој стои зад Зага продукција?

Зад Зага Продукција стојат браќата Бојан и Далибор Митковски од Битола.

Како дојде идејата за ЗАГА и како го доби тоа име?

Името дојде од името на нашата мајка Зага. Во почетоците пред повеќе од 20 години, се чинеше како најсоодветно за име, затоа што нашата мајка беше и еден од фотографите кои беа во тимот.

Од кога се почетоците и како беше самиот старт?

Почетоците беа во далечната 1995 кога нашата тетка од Германија ни купи по нарачка професионален фотоапарат Никон Ф70, тоа беше професионален фотоапарат на филм.

Дали имавте претходно познавање околу фотографиите, фотографирањето и снимање со камера?

Имавме. При нашата преселба од Велес во Битола школските другарчиња на брат ми за испраќај му купија апарат Смена 8. Со него навлеговме во светот на фотографијата.

Како ве прифатија битолчани и што на почетокот нудевте?

Битолчани од почеток не прифатија со резерва, а им нудевме фер и прифатлива цена и насмеан и весел млад тим.

Колку свечености отприлика имате фотографирано и каде низ светот?
Бројката е огромна, но немаме некоја евиденција за да кажам точно. Додека околу земјите во кои сме работеле, стварно во многу, можам да кажам само дека не сме биле само во Африка како континент, во сите други сме работеле.

Што треба за добра продукција и правење на добра фотографија?
Желба и талент, Зага продукција и ден денес има отворена врата за сите оние кои сакаат да заработуваат со фотографија и видео. Во изминатите 17 години од постоење, Зага Продукција има обучено преку 100 фотографи и камермани кои и ден денес се занимаваат со дејноста, некои надвор од Македонија, други во битолските студиа.

Колку чини една добра опрема која сега се бара на пазарот и дали сето тоа е исплатливо?

Денес не многу, но во почетоците опремата беше стварно скапа.

Кој е вашиот предизвик во оваа работа?

Предизвикот од секогаш беше поставување на траен и претпознатлив бренд.

Интересни стории, некои пикантерии со познати личности, анегдоти и сл?

Безброј, за ова можеме книга да напишеме хаха.

Браќа Манаки од 21 век. Дали имате многу видеа и фотографии од Битола и како Манаки ќе оставите и вие голем белег за Битола и битолчани?

Имаме многу, но денес вредноста на нашите видеа не може ни одблиску да се споредат со снимките на браќата Манаки, тогаш само тие имале камера, а сега секој ја има, па макар и на својот мобилен телефон.

Нешто за крај. За Битола, ваша промоција на новиот сајт и што било...

За крај, може да се каже сите млади дечки кои сакаат да се занимаат со фотографија и видео и при тоа да заработат, слободно да не контактираат преку контакт формата на нашата веб или фб страна

Бојан и Далибор Митковски…

Зага продукција…

Поздрав голем…