qrf_vivid

Неодамна починатиот француски пејач од ерменско потекло Шарл Азнавур (95) често ја исполнуваше песната “Колку е тажна Венеција”. Слушајќи ја повеќе пати и по престојот во Венеција се прашував како може да биде тажно во овој град каде доаѓаа стотици туристи од целиот свет, каде гондолите низ каналите превезуваат вљубени двојки, каде пред црквата Св.Марко и внатре во неа, блескаат сите значајни карактеристики на ренесансниот период, каде стаклените производи, изработените маски воодушевуваат. Секој посетител, но без саканата не само за Азнавур, туку и за многу други сите знаменити карактеристики во било кој град се тажни.

Минувајќи едно утро вечер низ битолската чаршија ја почуствував таа тага на Азнавур за Венеција, зошто не ги забележав сите убави карактеристики опеани и раскажани за неа.

Некогаш споредувана меѓу
најубавите на Балканот, најблиска до сараевската Баш Чаршија, битолската ми изгледаше не тажно, туку повеќе од тоа. Утрото ги распростираше своите сончеви зраци низ закатанчените железни кепенци, ни трага од некогашните занаетчии, меѓу кои беа кондураџиите, налонџиите, самарџиите, фурнаџиите познати со своите симитчиња и гевречиња, ахчиите, слаткарите со свежите локуми и баклави. Ова ли е таа некогаш позната битолска чаршија?

Ги нема веќе казанџијата Јанко, кондураџијата Стив, лавчанецот Јоце со хармоничето, нити дружината пејачи-занаетчии, што крај чешмата пред „Малиот Битолски Монмартр” вечерно
време со своите серенади и чалгаџиски песни, мамеа воздишки кај минувачите и почитувачите на нивната песна.

Денес повеќе кепенци се затворени, на повеќе места истакнато е дека се издава дуќан, а сето тоа проследено со турбо фолк музика. Каде исчезна некогашниот сјај на битолската чаршија.

Затоа и мене ми се виде тажна, иако бев свесен дека она што
било некогаш не може да се врати, дека модернизацијата и начинот на живеење го направи своето. А може ли се да биде поинаку, како некогаш? Што ли е потребно за тоа и кој може да го реализира? Размислувам и повторно се присетувам на „тажната Венеција. Зошто тоа ми асоцира на нашата чаршија. А толку би сакал се да е поинаку.

Петар Ставрев за весник Занаетчија