“Песната “Кажи зошто ме остави” за прв пат ја испеал Никола Автовски – Боби уште далечната 1952-1953 година на Тумбе Кафе, каде се дружевме за време на целото лето и понекогаш тагувавме за нашите љубени.

Песната за брзо време стана прв шлагер во нашата бивша држава, Југославија и ја превзедоа многу познати југословенски пејачи. Да се знае дека за прв пат е испеана во Битола на познатото Тумбе Кафе” е аберот и пораката која ја добивме од негов другар Раде Вујасиновиќ кој моментално се наоѓа во Берлин, Р. Германија.

Никола Боби Автовски

Никола Боби Автовски на тој начин ја започна и историјата за македонската забавна музика.
Од пишувањата во музичките архиви песната е создадена уште во 1947/48 година, како плод на сосема искрен порив за забава на тогашните млади момци во Битола. Текстот е на битолчанецот Јово Вељановски. Никола Боби Автовски, иако охриѓанец, со завршено Средно воено музичко училиште во Вршац, работел како актер во Театарот во Битола. Младешката енергија за песна брзо ги поврзува Јове и Боби, па на една од забавите Боби првпат ќе ја испее „Кажи зошто ме остави“.

Документарен филм за Никола Автовски Боби

Песната често е изведувана на програмата на Радио Битола, но секогаш во живо, од самиот Боби Автовски. Првата снимка е направена во 1956 година, во Радио Скопје.

Авторот на текстот Јово Вељановски раскажува дека за првпат музиката ја слушнал на странска радио станица и бидејќи не бил доволно музички поткован со моментално создавање на текст ја запаметува полесно. Оригиналната музика на легендарната “Кажи зошто ме остави” е од грчка песна на изведувачот Никос Гунарис.

Точно е за Боби Автовски дека песната ја пее кај нас со македонски текст, тој е охриѓанец и беше глумец во битолскиот театар. Но изворно мелодијата е грчка, што сум слушнал од повозрасни мои другари, мелодијата ја слушав повеќе пати и на грчките радио станици. Или на наша ТВ, или во малата сала на Домот на културата, информацијата за овој факт ја потврди еден наш познат музиколог”- раскажува Слободан Димитров правник, адвокат и музичар во пензија со долги години познавање на случувањата на музичката сцена во Битола и Македонија.

“Боби беше дел од битолската музичка сцена, “Кажи зошто ме остави” беше препознатлива негова творба која ја изведуваше насекаде низ Битола, Македонија и Југославија”- раскажува битолчанецот Петар Георгиев Калица

“Кажи зошто ме остави, и ме обли во тага” е сегашната слика на нашето надалеку познато Тумбе Кафе. Тука за првпат низ цвркотот на дивите бимбили, мирисот на јоргованот и шумењето на пелистерецот, охриѓанецот Боби заедно со еден куп млади битолчани за првпат го испеа тој прв македонски шлагер.

Од нас толку, истраживме и напишавме колку да се знае. За другото одете на Тумбе Кафе, има многу да ни раскажува, а слободно раскажете и вие…

Благодариме Раде, Слободан и Калица. Да сте здрави и живи. Со вашите спомени сеуште остануваат и спомените од некогашната градска Битола…

Ве поздравуваме!

Никола Боби Автовски почина во 2017 г. Со оваа нумера тој е вечен…

Врати порака

Please enter your comment!
Please enter your name here