НУ Центар за култура-Битола во
соработка со амбасадата на Австралија со седиште во Белград, приредија вредна и креативна програмска содржина, изложба
посветена на Абориџинска култура. Изложбата ја отвори Зоран Костовски, почесен конзул на Австралија кој истакна дека публиката ќе се запознае со Австралија од крајот на 19 век, времето кога во таа држава се отвораат значајни наоѓалишта на руда.
-„Каннинг сточен пат“ е симбол за тоа како се совладувала природата, но за подобар живот. Тој пат минува низ неколку пустини, а на трасата долга 1.800 километри ископани се 54 бунари. Тоа е
патот кој води до најголем број на рудници.
Денес тој дел од Австралија е носечки дел од целата државна економија, а најголем дел од македонските иселеници и пред
два века и денес може да се сретнат како работаат во рударските населби, рече
меѓудругото конзулот Костовски.

Каннинг сточниот пат врви низ
Абориџинска земја, низ територија на најстарите народи во светот кои според научните истражувања егзистираат околу 65.000 години на планетата Земја.
-Преку цртежите за „Каннинг сточен пат“ понудивме една креативна новина на фестивалот „Илинденски денови“ чии програмски содржини се во тек. Организирањето на изложбата го договоривме на манифестацијата „Филмска недела на австралискиот филм“, а сега сведочиме на ретка изложба на уметници кои живеат и творат во своето родно место пренесувајќи ја Абориџинската култура, истакна Маја Андоновска Илијевски, директор на
НУ Центар за култура-Битола.
Изложбата „Каннинг сточен пат“
посветена на Абориџинската култура е поместена во фоајето на битолскиот Центар за култура и ќе биде отворена седум дена.