Има битолско предание дека во нашиот град хашишот бил донесен во 1897 г. и дека заслугата му припаднала на индиецот Махатма Угхади, гуру-јога од Бенарес. Не само што го покажал начинот на конзумирање, работел и врз одгледувањето. Тајно или полутајно низ битолските дворови и ниви започнале да никнат стеблинки, од кои, по соодветната подготовка, се појавил опијат и на битолскиот пазар.
Најбројни купувачи биле кафеанџиите, кај кои во секое време можел да се купи, но таму и да се конзумира.

Стари лулиња за пушење хашиш (непознат извор)

Опијатов бил познат како и индиски коноп или асрар. Први и најревносни конзументи станале припадниците на муслиманската елита, по нив офицерите од Третата османлиска армија, меѓу кои имало и офицери од висок ранг (десет паши и валии и орди команданти), кон кои им се приклучиле и поголем број припадници од редовната војска.

Најпозната и најпосетувани кафеана во која се пушел се наоѓала во близина на Градскиот часовник. Сеансата отпочнувала откако ќе паднел мракот, најрано по 21 часот, односно по заминувањето и на последниот шетач покрај реката Драгор, познатото шеталиште од ова време. Седејќи на столици или полулегнати на душеци, уживателите го влечеле опијунувачкиот и со специфичен мирис чад преку долги чибуци. Покрај муслимани, кои биле најбројни, можело да се сретнат и христијани. Вообичаено било во набиената просторија од уживатели, од густ чад и испарувања, воздухот да биде без кислород и задушлив. Меѓу оние кои слободно и без криење уживале тука бил и поранешниот наланџија хаџи Јусуф. Подвиткан, блед и испиен во лицето, тресејќи се во рацете и телото, ја раскажувал потресната историја на својата страст и непоправлиот материјален и психолошки крах. На прашањето каде го набавува хашишот, пред новинарот, што ја запиша и неговата приказна, одговарал дека, покрај во кафеаната самиот го одгледува во дворот на семејната куќа, каде исто така, и го конзумира. Се случувало, кога ќе настапела криза, да го користи и на улица, во некое ќоше, кое наполно го деградирало меѓу пријателите и во градот.
И додека на другите во таверната во полусон им паѓале чибуците, Јусуф личната исповед ја завршувал во блажено пијанство со зборовите “Се е добро, се е убаво”.
Најтрагичното во злоупотребата било кога мајки за да бидат слободни и мирни во извршувањето на домашните задолженија, ги труеле малолетните деца, дури и рулчињата премачкувајки им ги усните со мала доза, практика применувана и во Битола, не само во муслиманската туку и во христијанската средина.

Извадок од книгата Калеидоскоп на Александар Стерјовски