Во некогашната фурна на Паско на времето имаше сѐ тазе. Тука беа највкусните кифлиња, гурабии, козињаци, леб, и сето тоа без адитиви и вештачки додатоци. Затоа тој мирис и вкус сеуште до ден денес го паметат постарите битолчани и токму тие знаат колку добар и вреден мајстор бил Паско фурнаџијата заедно со неговите браќа.

Паско фурнаџијата

Фурната Паско била во сопственост на тројката браќа Паско, Никола и Александар. По нив е и името на фурната, по едниот од браќата Паско, но и по презимето на семејството Паскови. Тие се синови на македонскиот (не бугарски, туку македонски) револуционер Ристо Пасков, даскал во Битолскиот вилает, но и близок соработник на Јордан Пиперката и Даме Груев.

Ристо Пасков

За движението на македонските револуционери и периодот на Илинденското востание постојат и негови записи кои ги водел за целиот период на неговото делување.

Една од нивните внуки, Емилија Вукичевич раскажувајќи за нив ќе ни ја опише целата приказна за историјата на оваа фурна и прекрасна фамилија која заслужува да се спомене и да остане барем една мала пишана трага низ нашиот блог кој е баш за Битола и битолчани. Таа нејзина приказна започнува вака:

-Мојот дедо Александар имал и уште еден брат Борис, кој со нивниот татко заминува за Софија и со неговото семејство продолжува да живее таму. Бидејќи останатите тројца браќа Паско, Никола и Александар, остануваат сами да се грижат за сопствената егзистенција, започнуваат да работат заедно и ја отвораат фурната низ годините позната по името Паско. Двајцата браќа Паско и Александар Паскови заедно со нивните семејства живеат во горниот спрат од куќата, а во долниот се просториите на фурната. Мајка ми е и родена токму во таа куќа. Третиот брат Никола имал отворено фурна и во Генимаале.

Фурната на Паско Пасков(ич), фотографија од време на СХС

Како почнуваат со пекарскиот занает, точно не знам, бидејки мојот дедо Александар по струка е економист, но знам дека со нив работеле и чираци кои им помагале, за да можат сите заедно да подготват вкусен леб и печива. Дедо Паско често велел “Задоволни работници, богат газда…” и ” Да немаш леб да јадеш, точно на 1-ви најпрвин на работникот ќе му исплатиш плата, што ке остане – ќе задржиш за себе”.

Параскева и Александар Паскови

За нивната чесност и добрина знаат многу битолски семејства, а лично јас од денешна гледна точка мислам дека не сум успеала да запознаам такви луѓе, какви што беа моите дедовци…скромни, чесни и предобри!!!

Изгледот на фурната пред 100 години

Од раскажувањата на мојот дедо Александар, за време на Втората светска војна тие честопати им помагале на партизаните на разни начини, но главно давајќи им храна, пред се леб. Во тоа време, бугарскиот окупатор дознава за помошта која партизаните ја добиваат од браќата Паскови, со што едниот од браќата се здобива со казна притвор, за која ние внуките скоро и да не знаеме што точно се случувало. Тие ниту сакаа да зборуваат, ниту да се потсетуваат на тешките моменти низ кои поминале за време на војната.

Изгледот на фурната за време на социјализмот

Самата местоположба на фурната дозволувала струење на разни информации, не само поради централната позиција која ја заземала, но и поради познанствата и комуникативноста кои моите дедовци ја имале. Така, пред почетокот на големата депортација на Евреите во Битола, мојот дедо Александар дознава за планот на бугарските фашистички окупатори. Со добиената информација веднаш го известува својот близок пријател Евреин, го замолува како знае и умее да се подготви заедно со неговото семејство заеднички да изнајдат начин на време да ги префрлат од страната на партизаните, кои во тоа време биле лоцирани во подрачјето на Пелистер.

Изгледот на фурната за време на СХС, во 1930тите

Неговиот пријател никако не сака да поверува во можноста Евреите да бидат депортирани и ја одбива помошта. Дедо ми, пак, не се помирувал со фактот дека неговиот пријател не сака да верува во информациите и дека не прифаќа да го напушти својот дом. Останува силно упорен во убедувањата и настојувањето тие да се засолнат кај партизаните. На крај, неговиот пријател делумно попушта, прифаќа единствено неговиот син Мушон да биде испратен. Со запрежна кола, полна со дрва, го скриваат детето во истата и успеваат да го префрлат во шума. Кратко време потоа, стравичните навестувања стануваат реалност, се случува најстрашната депортација на голем број луѓе…

Фотографија од Широк Сокак после Втората светска војна

Евреите од Битола се носат во Треблинка. Однесени беа и пријателите на дедо ми, целата Еврејска фамилија на кои мојот дедо упорно настојувал да им помогне. Единствен преживеан остана само Мушон, детето кое успеа на време да биде префрлено во сигурни раце. По завршувањето на војната, Мушон се сели во Израел, но на секое доаѓање во Битола, не заборава да го посети мојот дедо, но и моите роднини во Битола, на кои им беше вечно благодарен.

Сегашен изглед на фурната на Паско

Во годините по завршувањето на Втората светска војна, машините и опремата со кои во фурната се подготвувал леб биле конфискувани и однесени за употреба во Касарната во Битола. За возврат моите дедовци добиле други работни места. Конкретно мојот дедо Александар Пасков, прво добил работна позиција во Жито Битола, за да потоа продолжи како Шеф на сметководство во Електродистрибуција Битола. Но, љубовта кон подготвувањето топол и вкусен леб и бели меки кифлички никогаш не згасна. При секое наше доаѓање кај моите баба и дедо, нѐ чекаа највкусните топли закуски зачинети со нивните топли насмевки и огромна љубов која денес многу ми недостасува.” – со нејзиниот опис завршува Емилија.

Фурната на Паско е едно големо обележје за нашиот град Битола и битолчани. Ова место и ден денес го задржува истиот топоним и преставува еден дел од целиот мозаик наречен Широк Сокак. Дел по кој Битола е позната насекаде низ светот и дел кој мораме да си го неговаме и заштитуваме. Баш нашето “срце” од артеријата на градот.

Поздрав до Емилија и целата фамилија Паскови и очекуваме и други фотографии да дополниме во нашиот текст.