Зимски распуст 2019, Нижеполе Битола

Последен пат кога се качив на скии Tehnotronic го имаа хитот Pump Up The Jam. Ако сега се качам на скии со моите 100 килограми може да предизвикам лавина и на душа да земам недолжни скијачи, а ако се пуштам од повисоко и едно мало Австриско село.
За да не се случи ова веќе неколку години кога ќе почне зимскиот распуст јас и моето семејство си одиме повеќе денови во Битола и престојуаваме во хотел Капри.

Сигурно се прашувате зошто баш Битола, кога и Битола е многу загадена како и Скопје. Но причината е затоа што од Битола сме на Пелистер, Копанки и Нижеполе за 15 минути, а за помалку од еден час во Крушево со попатно фотографирање, блиску е и Прилеп, но за мене и најубавиот дел од Македонија, Преспанското езеро.

Немаме потекло од Битола , ама само таму може да се најде хотел кој и на -18 степени е одлично затоплен и има се што му треба на едно семејство, изгубените играчки да ни ги чуваат, да направат сендвич за ќерката тинејџерка на која доручекот и почнува во 13 часот , едноставно да се чуствуваш како дома. Не дека не сме барале хотели во Преспанскиот крај, дури и во Преспав сме биле ама беше многу студено, сега незнам како е, и во Битола еднаш моравме да се сместиме во друг хотел ама цела вечер се изнаслушавме музика од свадба, а од Крушево Преспа е подалеку…

Дојдовме во Битола се сместивме во хотелот и веднаш кон Нижеполе ја фативме, таму снег врне како на северен пол, ама скијачи и санкачи колку сакаш. Ние отидовме без санка со надеж дека ке изнајмиме таму и ќе се санкаме се додека се гледа. По големата голгота (ова само мене ми се виде како голгота, другите беа опуштени) се искачивме до ресторанчето, арно ама никаде нема да се изнајмат санки, барај лево , барај десно, на шанк прашавме и ништо не направивме.

Син ми Бодан во очите имаше две Пелистерски езера ама од студено не ги пушти да истечат. За среќа најдовме еден послужавник од Кока кола во снегот и со него се пушти неколку пати па се подсмири работата. Се спаси денот, но нас ни стана јасно дека без санка нема живот, какво НАТО какви глупости, мора санка да се купи.

Би им препорачал на одговорните кои го работат објектот и стазата да купат 10 санки и да почнат да ги изнајмуваат на час, верувам дека после 5 дена ке ги исплатат. Имаше и други деца кои плачеа за санки, или се санкаа на пластични кеси, па се љутеа дека не е добро.

Верувајте ќе оставаме лични карти, возачки, пасоши со американска виза и резервна гума ако треба, се само да нема пискотници од Галичник до Нижеполе. Чајот си беше добар, ама тој со рум беше подобар (само не е за деца), има и добар тост ама малку ке почекате. Бидејки врнеше многу снег, во ресторанчето беше затка , но добри луѓе ни направија место за санкачот да се одмори.

Вечерта отидовме да се прошетаме по Широк Сокак и да пиеме едно кафе. Широк Сокак изгледаше како да е од емисијата на Дискавери каналот за луѓето што живеат на Аљаска ама полошо, зашто некој од шутраците градоначалници кои ги имаме и во Скопје, Охрид, Прилеп, Битола и ширум Македонија поставил исполиран гранит на кој ако не внимаваш се лизгаш и се надеваш дека тоа што крцнало кога си паднал не е коска туку телефонот.

Поминавме во црквата Свети Димитрија запаливме по една свеќа за здравје, и продолживме по Широк Сокак. Бидејки мене почна параноја да ме фаќа од можните последици, зошто имам две операции на коленово, а по цена на скарување со цело семејство се собравме и се вративме во хотелот на кафе. Врв на вечерта ми беше еден дедо од 80тина години , кој на вести им препорача на постарите граѓани да не излегуваат на улица зашто се лизгало, сигурно мислел на татко му кој има 110 години.
Другиот ден, силно светнал ден, на препорака од рецепција отидовме на пазар и купивме една убава санка по цена од 2.000 денари.

Благодарение на градските служби на Битола кои цела вечер ределе снег на тротоарите бевме во можност веднаш да ја испробаме санката на тротоарот и се упативме кон Нижеполе, кое пукаше од сонце.

А таму 109,5 % детска радост, а богами и татковска и мајковска радост. Качи се , лизгај се , пак качи се, лизгај се… Јас како родител морав да ја проверам безбедноста на санката неколку пати, сигурно си е сигурно, но имав и работни обврски морав да ја тестирам најновата 4К видео камера од DJI која има механички стабилизатор на слика, а ја собира во џебот на вашата јакна, DJI OSMO Pocket ,подобар тест од спуштање со санки нема . Најлошиот дел е што нема ски-лифт за санки, уште не го измислиле па мора да се качуваш пешки. Има се снимено и може да проверите на следниов линк. Но не е се така бело, се слабеело со санкање, а богами и се огладнувало.

Влеговме во кола и за 20 минути бевме кај Ајчо, најдовме дупка во снегот и ја паркиравме колата, му благодарам на некој Битолските возач. Кај Ајчо само ние сме гости, не погледна готвачот низ прозорчето и се насмеа. Од некаде се појави келнерот и насмеан не пречека и не смести на горниот спрат, а таму како да е друга временска димензија, како зоната на самракот, се чуствуваш како да си на Јадранско приморје во 1989 или во некоја Скопска кафеана каде татко ти те носел на Кока Кола ама од Кокта, се тие е некако познато и збунувачко, како да си после долго време кај некој стар пријател на гости.

Малку салата, малку ракиичка лута, шопската беше добра, ама зелката малку смрзнала, но не е греда, во Битола беше -18 степени, ЕЕЕЕЈ 18 СТЕПЕНИ ПОД НУЛАТА. За секој случај јас си нарачав и едно ребренце да се најде, за недај боже гладен некој да не остани, 3 плескавици на кајмак и 5 кебапчиња за Бодан, кебапчињата санкачот брзо ги изеде па мораше да нарачаме уште 3.

Во 1999 на препорака од мојата сопруга, прв пат јадев кај Ајчо плескавица . Од тогаш па до овој 7 Јануари никогаш не сум осетил промена на квалитетот на плескавицата и затоа сум таму со моето семејство.

За жал трилече немаше зашто слаткарницата до Ајчо на Божиќ не работела.
Не испратија од кај Ајчо и благодарение на раката на судбината покрај реката Драгор налетавме на една слаткарница која се спремаше да затвори. Поради брзата реакција успеавме да нарачаме едно трилече за веднаш, едно за носење, а за да не биде само тоа се појачавме со шампита, индијанка со кокос, падобранци и тулумби. Може да кажам дека се беше добро ама тулумбите ги фрлив, внатре тврди надвор кашасти, нека погледа куварот некое видео на Јутуб или нека дојде во Порта Влае во слаткара Калина на обука за правење одлични тулумби, надвор крцкави внатре шупливи.

Така наоружани и подготвени тргнавме по замрзнатиот Широк Сокак до Пајтон на кафе, со роботски чекор се движев на полираниот гранит, а во мислите ми беше роботот на Beastie Boys од Intergalactic, кој не знае нека побара на Јутуб , закон се.

Во Пајтон е некако кул, што би рекла ќерка ми, има стари апарати и наместено е како кај некој дома. Персоналот љубезен, слободно место се најдува ама не секогаш покрај прозорот каде може да гледаш кој поминал по Широк Сокак и да го оговораш со пријатели, или да постираш слики на Фејсбук. Така стоплени , најаден, напиени едвај се кренавме и правец во Капри на спиење.

Следното утро нов ден, за доручек од хотелот направија мал исклучок и ми донесоа чорба , не е чкембе туку телешка, ама многу добра. Би ги замолил добрите луѓе од Битола да ми пратат порака со некоја добра кафеана каде има добра Чкембе чорба , да ја пробам многу време помина од последната. За денес е во план посета на Преспа, ама за Преспа следниот пат.
Предлагајте убави места, кликајте лајк и споделете ако ви се допадна како идеа за прошетка.
Пратете ме ќе биде забавно.

Орце Поповски Pop Photo MK