“Дулието да се врати” , “Проклет да е тој што ја укина дулијата” и многу други изрази за негодување користат битолчани за моменталната состојба на градот изразувајќи гнев за навлегување на “селанштината” и простотилукот во градската средина, а со тоа и уништување на градските манири и однесување. А што фактички беше дулието сретнуваме подетален опис од Вангел Деребан во неговата книга “Битола град на мојата младост”:

Дулие имаше и на другите главни приоди/влезови во Битола. Дулието беше капија („царинарница“) на која требаше да се плати такса за влез на секаква стока во градот што беше намената за продажба. Постоеше до 1939 година. Имаше негодување поради оваа давачка, па на парламентарните избори во 1938 година партиите и нивните кандидати ветуваа нејзино укинување Навистина по изборите дулието се укина, но името „дулија“ и до денеска остана за пазаришната такса.

Со цел да се одбегне давачката дулие, одевме по роднини и пријатели од соседните населби, со велосипеди, одевме по споредните патчиња за да ги пресретнеме подалеку од Дулието да им го земеме тоа што го носеа за продавање и да им го пренесеме непосредно до влезот во градот. А се одеше и да им се пренесе и на непознати за помала цена од Дулието. Тоа беше редовна практика, јавна тајна.

Инаку нашето однесување започнува од самите нас и се пренесува на нашите најблиски и поколенија. Многу од нашите сограѓани при миграцијата од село во град го донесоја и “селото” со нив. Така да на повеќе локации низ Битола уште во 21 век се слуша пеењето на петли, кокодакање на кокошки, чување на стока, кози, крави и друго. Сеуште на сама улица сме сведоци на плукање, секнење нос, лушпи од сончоглед, ѓубре во изобилство и што уште не.
Затоа и повеќето битолчани со право посакуваат “Дулието да се врати”, т.е. да се врати местото за контрола на сите кои влегуваат и сакаат да бидат “градски”. И ние сме ЗА.