Денес четврток во 20.00 ч. започнува 12-то издание на Локум Фест Битола на локација Бар Чаршија, битолска стара чаршија. Повелете почуствувајте ја милозвучноста и топлината на спојот од музиката и традицијата, заблажена со домашен локум од битолските врвни мајстори.
Ве очекуваме и Ви благодариме…

Овој фестивал е единствена ваква манифестација која својата инспирација ја црпи од културното наследство на најопеаниот македонски град, градот Битола. Истиот започна 2007 г. во организација на Центарот за културна деконтаминација, во срцето на старата битолска чаршија, земајќи го обичајот на „локум и кафе “ како синоним за средба, еснафлук, пријателство помеѓу сите култури во славната конзулска Битола.

Овој фестивал ја слави традицијата, културното наследство на многувековната Битола и повикува на славење на различноста низ музика и изложби. Како секоја година започнуваме со чалгии, завршуваме со етно-фјужн… Изложби на ракотворби, везови и секако локумите на DONIA.

Во трите фестивалски вечери ќе настапат седум ансамбли од Македонија, Бугарија, Турција, Словенија, Индија. Ќе се дружиме со „Морски перли“ од Варна, „Balkananatolia “ Турско македонска тајфа „Баклава“, „Enhnusiasm“ од Словенија, „Вевки чалгија трио“, и „Tapi Project“ од Индија…

Нашите соработници од Регионалната занаетчиска комора Битола, ЗУР Македонски ракотоворби со своите ракотоворби, Организација на жени од Битола со „Архитектурата на Битола низ вез“, како и гости од другите градови…

Фестивалот е делумно поддржан од Министерство за култура на РМ во рамките на годишната програма, Општина Битола, во рамките на Бит фест и Агенцијата за поддршка и промоција на туризмот .

Организатори се ЦКД Битола и ЗГ Локум фест.