Од синоќа
уште
не сме се отрезниле,
уште виното
во нас врие,
виното
рујно румено
од Лисолај
со пајтон донесено,
и рано, рано,
пак крај Драгор,
пак во Дембел
градска чаршија,
во меана
со шкембе чорба
да се отрезниме…
А тука,
покрај Драгор,
во меана ладна
од тутун зачадена,
пак таа ѓузел,
ѓул, бре, меанџика,
ах, мераку,
проклет да си
како сенка
сред Широк Сокак
што се должиш
а ние старци старееме,
ах, таа меанџика,
на дајре
кога тивко
со прсти затропа
и заплаче виолина,
запева песна
за меракот,
за дертот
на душа страдална…
И, ете го Калица,
задуман ита
крај чашата вино
чест да си стори.
чест
и нова песна
од душа да напише
дека Битола
за Солуна не дава
нит за драхми
ниту за алтани..
Еве го и Ајри
од рајот излезен
покрај Драгор
леко доаѓа
да си ја чуе повтор
таа неговата,
таа наша химна
душа што ни грее:
Битола, мој роден,
во тебе сум роден,
за тебе пеам…
И вино,
вино дај им меанџике
вино
и песна запеј:
“Ако одам во Битола”
и трите пајтони
нека носат
мелем за јадови,
вино,
бочва вино
и пехар еден
за Владо Лавчано!

12.11.18 Панде Манојлов