Деветгодишниот Давид Домазетовски од Битола го одбележа вчерашниот пливачки митинг во Штип, кој се одржа во знак на одбележувањето на јубилејот – 65 години пливање во овој град, на кој учествуваа над 150 дечиња родени помеѓу 2004 и 2012 година.

Малиот Домазетовски, кој пред само четири години прежива рак на мозокот, утрово ги одушеви штипјани и останатите љубители на овој спорт кои беа присутни на градскиот базен. И покрај последиците што му ги остави оваа опасна болест, забавена моторика на движење, Давид, метар по метар успеа да ја заврши целта и да постави личен рекорд.

Пред четири години Давид беше ургентно хоспитализиран, по дијагноза на тумор на мозокот со големина на јајце, а и покрај високиот ризик од интервенцијата, проф. д-р Јовица Угриновски во болницата „Аџибадем Систина“ успешно го отстрани туморот. По четиримесечното заздравување од тешката операција и по 31-зрачен третман на трилоги, Давид ја напушти болницата и се врати дома.

Од тој ден, Давид храбро се бори со сите предизвици. Полека секој ден сѐ повеќе и повеќе напредува, и докажува дека и во ова мало тело постои огромна волја, желба и упорност да се истрае и покрај сите сопки што знае да ги приреди животот.

Извор Гол.мк