Битолчанецот Христијан Спировски со адреса во Мелбурн, Австралија, се прослави со аеродромските концерти ширум светот, каде што ги забавуваше патниците свирејќи на пијано музика од родната Македонија, Балканот и од целиот свет. Токму таков спој има и во неговиот прв сингл насловен „Dance With Me“, кој веќе е во продажба во повеќето музички продавници, а наскоро ќе го има и на „Ајтјунс“, благодарение на неговата продукциска куќа „Спинап“ (Spinnup), која е во сопственост на „Јуниврзал“ (Universal).

„Ова ми е прва авторска песна што ја компонирав. Ме инспирираше балканскиот ритам и мелодија, измешано со рок и реге-стилот. Исто така, намерно сакав да го изоставам текстот, бидејќи музиката не мора да се пренесе само преку пеење, туку може и да се слуша“, ни рече Христијан и додаде дека сака да експериментира со различни стилови и токму тоа е најинтересното во музиката.

Го прашавме и дали подготвува и цел албум.

„Јас сакам да компонирам песна по песна, затоа што компонирањето не е едноставна работа, туку треба време, треба да се вложи многу труд. Искрено се надевам дека ќе има албум, нормално, со музика од различни стилови, како и спот. ’Спинап’ и ’Јуниврзал’ се мои продукциски куќи на ниво на САД, Велика Британија и Западна Европа, додека за Балканот се надевам дека тоа ќе биде со некоја продукциска куќа како ’Сити рекордс’ или ’Ај-ди-џеј тјунс’. Сепак, најважно е што продукциските куќи сакаат да видат производ што ќе биде успешен и популарен, а јас се фокусирам токму на тоа“, објаснува Спировски.

Што се однесува на спонтаните концерти на јавни места, вели дека и понатаму свири секаде каде што ќе најде клавир, без оглед дали станува збор за аеродром, музеј или шопинг-центар, а тука е и желбата за концерт во родниот крај.

„Секако дека сакам да имам концерт во Македонија, но сакам луѓето повеќе да дознаат кој сум, затоа што сите имаат заборавено кога пеев на СИ-ДО во 1998 година“, заклучи битолчанецот, а ние му посакуваме уште многу авторски дела и успеси, кои со задоволство ќе ги споделуваме. Како звучи неговото авторско првенче „Dance With Me“, дознајте во продолжение. Уживајте!