Со вулканизерот и членот на Управниот одбор на Регионалната занаетчиска комора Пеце Јончевски и Зоран Ѓорѓиев од автопералната ,,Кинг”,
сместени на индустрискиот пат на градот во близина на „Торпедо” разговаравме за нивната љубов кон занаетите во кои се ангажирале и, пријатно се изненадивме дека токму во нив тие ги гледаат своите натамошни животни перспективи.

Во многу случаи кога сме разговарале со луѓе одамна вклучени во занаетчиството,
скоро секогаш ни кажувале дека започнале да работат скромно, со тешкотии, не верувајќи дека до пензионирањето ќе ги издржат сите премрежија што им се испречувале во нивните секојдневни ангажирања.
Деновиве среќавајќи се со Пеце Јончевски и Зоран Ѓоргиев почувствуваме еден искрен оптимизам за нивната определба да заработуваат и да се издржуваат од занаетите за кои се определиле. Но најпрвин да кажиме дека нивните простории се наоѓаат во близина на Торпедо по индустрискиот пат за ОУ Коле Канински.

Сместени се новоизграден објект кој иако е подалеку од центарот на градот со својата квалитетна работа и однос привлекуваат муштерии.
Автопералната „Кинг“, која се води на ул. „Ѓорче Петров бр, 127 истовремено е и куќа на Зоран Ѓоргиев (46) кој веќе работи 2,5 г.

Фамилијарен човек е, сопругата Лиле му работи во конфекција, а синот Кирчо има 16г. Ѓоргиев извесно време работеше во кинески ресторан во Бугарија, потоа замина во Шведска, а сега по целосното опремување на сервисот започна да се здобива со муштерии од сите возрасти и делови на градот.

-За однос и работа со муштериите имам меѓународно искуство зашто 4г. работев во Шведска, а сега сакам својата егзистенција да ја обезбедувам овде, дури надевајќи се синот да ме наследи, искористувајќи го моето искуство. Располагам со модерна техника за миење на коли и перење на теписи, иако мислам дека во одредени домаќинства нема голема навика теписите редовно да се перат. Имам постојани муштерии, сервисот е на прометно место и сметам од ангажираноста во него може добро да се живее, се разбира доколку државата не донесе некои нови закони за поголеми давачки- вели Ѓоргиев.

До Автопералната работи и сервисот за автогуми „Шампион во кој е ангажиран Пеце Јончевски (36). Тој како занаечија работи веќе 17 години од кои 13 во автосервисот „Трофеј“.

Извршува разни работи започнувајќи од промена на гуми, нивно балансирање, исправување на бандаши и др. Да не се жалиме и да не плачиме, навистина има доста работа и тоа со разни муштерии. Со сите што доаѓаат сакам да бидам во добри односи и тие да бидат задоволни од мојата работа-не запознава Јончевски.

Тој како млад човек е и член на Управниот одбор на Регионалната занаетчиска комора.
-И таму настојуваме сите проблеми во занаетчиството заеднички да ги решаваме.
Заедно сме сите сплотени и сакаме занаетчиството во државата да си го заземе местото што му прилега-да се развива и проширува. Кај младите за жал нема голем интерес за занаетчиството како порано, но мислам дека и тоа прашање ќе си дојде на место- истакнува Јончевски споменувајќи дека некогаш возачите разните потреби за возилата ги извршуваа дома, а сега се повеќе имаат потреба тие работи да им ги доверуваат на стручни лица кои располагаат и со потребна и модерна опрема – споменува Јончевски.

Петар Ставрев специјално за Бабам Битола и весникот Занаетчија