Во градот постоеја неколку киносали: „Македонија“, “Трудбеник”, Офицерски дом, подоцна кино „Партизан“. Киносалите беа од затворен тип, со партер, ложа и балкон. Во летниот период се проектираа филмови во отворени кинобавчи. На табла во стакло пред секој „биоскоп“ се рекламираа филмовите кои се емитуваа во текот на неделата.
Кинопретставите почнуваа во 17 и 19,30 ч. попладне. Во недела претпладне, во 10 часот, се емитуваа детски престави.

Кино Трудбеник и Фото Пинза десно од него

Влезниците се продаваа на билетарници, а влезот го контролираа вратари. Нешто поскапи беа влезниците за ложа. Во сабота и недела војниците имаа слободен излез. Во17 часот се полнеа киносалите со млади војници кои ги имаше од цела Југославија. На сметка на тоа често се премерувавме дека во тоа време се оди на кино само со војската,

Внатрешноста на кино Трудбеник

Во Офицерскиот дом скокавме преку ограда, крадешкум проследувавме филмови. Паметам, „Клеопатра“, „Мис Стон“ со Петре Прличко ги гледавме два-три пати „Мајко слушај ја мојата песна“ со Хозелито, „Грев на љубовта“, „Продавачка на љубичици“, со Сарита Монтиел, „Тарзан“, домашните „Мостот на Дрина“, „Прекубројна“ со Милена Дравиќ и Љубиша Самарџиќ, „Неретва“. Пред киносалите се продаваа семки, сончоглед во ќулафки. Најубавите моменти на нежност, љубов ги доживувавме во киносалите, држејќи се за раце, инспирирани од филмот. Пред почеток на филмот се емитуваше журнал во кој се кажуваа новини, вести, настани, главно, поврзани со гостувања или слетови за другарот Тито. Со батерија проверуваа карти, или на задоцнатите им се покажувше седиштето. Доколку на репертоарот се прикажуваше филм со занимлива содржина, се купуваа карти од препродавачи, по двојно повисока цена. Денес, за жал, нема киносала. Телевизијата, видеата, видеоклубовите, даваат можност да гледаат по сопствен избор меѓутоа во најразвиените земји и ден денес постојат кино сали.

Наспроти кино Македонија беше Народниот театар, денешен Дом на Културата. Во стариот театар се одржуваа театарски престави за деца и возрасни.
Надворешниот дел имаше скромен изглед, обична куќа со еден влез. Меѓутоа внатрешниот изглед беше раскошна барокна дворана како во најпрестижните метрополи. Во партерот или средишниот дел беа наредени удобни столици од кадифе до бордо боја, а ложите и балконот даваа аристократска глетка.
Театарските претстави се изведуваа на подигнат подиум со завеси, исто така, од бордо кадифе кои се влечеа средина кон краевите. Како ученици не водеа на театарски претстави. Претпладевните претстави беа претежно драматизирани басни, бајки. Како средношколци, ги гледавме претставите за возрасни. Како деца, отидовме на една комеморација. Мислам дека почина некој од фамилијата Стефановски, фамилија познати глумци, актери, театарски работници. Достоинствено му оддаваа почит. Лесот беше во средина, околу него многу цвеќе, говор.

Рушењето на Народен Театар

Битолчани жалеа што тој објект го урнаа. Со незадоволство јавно говорат и денес. Изградија Дом на култура од самопридонес. Елоквентна зграда со различни содржини. Народниот театар е сместен во еден дел, но ја нема таа убавина и раскошен аристократски изглед. Затоа пак и понатаму има прекрасни глумци, плејада уметници кои насекаде собираа награди. Нивните претстави, поготово премиерите, со бурни овации „браво“ ги следат љубителите на театарот.
Во времето на СФРЈ, а и денес, на гостувањата низ европските и прекуокеанските земји, ги донесоа најпрестижните награди. Младите актери, театарската екипа, сценаристи,
декоратери, младите режисери, драматурзи, функционираат беспрекорно. На овој наш град му го даваат најблагородното: претстави кои се познати и изведувани во сите метрополи во светот. Битолскиот театар, со извонредната театарска екипа, со акумулиран ентузијазам дури и фамилијарно се пренесува на своите поколенија, преставува битолска гордост.

Пишаниот збор, творештвото го сметав како поле на изразување на поривот или моменталната инспирација. Благодарна им сум на моите учители, наставници, професори, кои го препознаа талентот, ми дадоа можност таа
дарба да ја изнесам. Никола Христовски во училиштето
внесе свое дело. Имавме интерно списание „Први чекори“
во кое се објавуваа творби од литературната секција, до-
стапни на нашите ученици. Рецитаторската секција беше,
исто така, промоција на таленти кои учествуваа на приредби, натпреварувања. Љубе Настевски, професор во
гимназија, не одведе на средба на млади поети во ресторанот „Македонија“. Не удостои писателот Блаже Конески. Во
стилот на писател со реноме го повика келнерот:

„Еј ти, Харила, летни ко со крила, донеси едно кафе, за ова маже, што се вика Блаже“.

Бевме воодушевени од моменталниот склоп, каде докажа, поготово пред нас младите, каков голем творец е. Во тој период се организираа приредби за родителите, пред и по завршување на школската годи-
на. Во текот на годината приредбите беа најпрофесионално подготвувани од страна на хорот, драмска, литературна, рецитаторска и ликовна уметност. Нема да заборавам кога ги рецитирав Мајка, Сонце, Било је то у некој земњи сељака на брдовитом Балкану, Десанка Максимовиќ, Кочо Рацин, Тутуноберачите, Миладинов, Т га за југ. До солзи ја анимиравме публиката. На многу приредби бев рецитатор или се преставував со некоја своја поетска творба. Професорот Љубе по македонски знаеше да напишам “нешто за душа”. Овие ментори ги респектирам со цела почит, штом ќе се сретнеме во градо.

Љиљана Дијакова Томичиќ “Огледало на животот”