Овој зелник ни е во фамилијата од кога памтам за себе и на сите им кажувам дека нема поубав зелник од зелникот на мајка ми. Има две варијанти на овој зелник, едниот е со сало, другиот со маргарин (путер), значи истата постапка само премачкувањето е различно, така да можете како сакате да го направите. Овој конкретно е направен со растопено сало. Бидејќи имав многу фотки, ги споив сите во една и убаво се гледа постапката од замесувањето до самиот крај.

Состојки
Тесто 800 г брашно околу 500 мл млака вода (по потреба) 1 рамно лажиче сол прстофат сув квасец 1 лажица оцет сало или маргарин по потреба (за премачкување)

Зајре 2 страка праз 300 г мелено месо зачини сол и црн бибер по вкус

Подготовка

1. Се замесува средно меко и нелепливо тесто, водата се додава полека се додека има потреба, зависи од брашното, можи повеќе, можи помалку вода да е потребно. Тестото се меси убаво добри 20 минути, колку подолго се меси, толку подобро. Тестото е готово кога на пресек се појавуваат меурчиња (мали шуплини).

2. Поделете го на два дела, едниот дел нека биди малку поголем, тој ќе биди за долната кора.

3. Двата дела се делат на по 6-7 топчиња. Секое топче се расукува во форма на диск со големина на чинија и се премачкува со растопено сало и дисковите се редат еден врз друг. На последниот диск не се става сало.

4. Вака припременото тесто се става во фрижидер и се повторува постапката и со вториот дел. Нека одморат тестата во фрижидер, а во меѓувреме направете го зајрето.

5. Се запржува исечканиот праз, потоа се додава меленото месо, убаво се запржува и на крај се додава сол и бибер.

6. Извадете го првото тесто од фрижидер и исукајте кора со сукало со големина на плехот во кој ќе печете. Јас го користам најголемиот плех што си е од самиот шпорет.

7.Ставете ја кората во намастен плех, краевите нека висат надвор. Ставете го зајрето и убаво распоредете го. Повторете ја постапката и со втората кора со тоа што кога ќе ја поставувате, наберете ја насекаде. Затворете ги краевите на зелникот со вртење во спирала.

8. Попрскајте го зелникот со малку зејтин и ставете го да се печи на 200 степени околу половина час или додека не зарумени убаво.

www.macedoniancuisine.com

Врати порака

Please enter your comment!
Please enter your name here