Говорните изрази се вид кратки фолклорни форми слични на благословите, клетвите, заклетвите кои лесно се прилепуваат во катадневниот говор, го дополнуваат и го украсуваат. Најголемиот број се синтагматични или реченични формули со метафорично значење. Блиски им се на поговорките или на пословиците, но бидејќи се од локален карактер, не ја достигнале обработката и значењето на афористичките мудрости. Се раѓаат и умираат непрестано.

Вакви изрази има и во врска со Драгорот:

„Ајт оттука, ти ќе ми кажиш од кај течи Драгоро!“

Изразов е со значење дека на општопозната работа и се дава непотребно објаснување, слично на она: „Ти ќе ми ги кажиш на татко ми нивите?!“

„ Гоше истај се, ќе падниш!“

Иако овде не се спомнува Драгорот, има врска со него. Не е битолски, потекнува и се уште е во употреба во селото Лавци. Се однесува на човек што не ги согледува опасностите што можат да настанат за него.
Настанот е меѓу двете светски војни, кога дел од левиот брег на Драгорот меѓу мостовите Кај Општинското собрание и Ленски мост од левата страна бил фрекфентен пазар каде се продавале нане, пипер, магдонос, карадуд и др.

Лавчанецот Гоше ја придружувал сопругата и при доаѓањето, но и при дежурањето на пазарот. Таа седела, тој бил исправен. Едно време од здодевност започнал да се ниша напред-назад преместувајќи ја тежината од прстите на петиците. Сопругата неколкупати го опоменувала да се поттргне од работ на реката и да престане да се ниша зошто постоела опасност да се најде во реката. Тоа и се случи. Драгорот, за среќа, бил надојден па Гоше поминал наводенет, но без посериозни последици.

„Да не бараш тренине во Драгоро?!

Драгорот во долниот тек бил значаен извор на храна за сиромашното население. Ќе се случи поплава, долниот тек ќе се преполни со лубеници, домати, пиперки и со што уште не. Но не само за време поплавите, ами и катадневно можеле да се најдат истите продукти од кои продавачите се ослободувале фрлајќи ти зашто веќе станале неупотребливи. Сиромаштијата поаѓала во поход на нив скоро секој ден. Еден од оние што на ваков начин се прехранувал бил и генимаалецот Трене Војвода или Тренко Војводата. Живеел на денешната ул. „Даме Груев“ бр. 145 (или 147). „Беше крупен и бенкичав маж од околу седумдесеттина години кој во скоро сите годишни времиња одеше облечен во долг црн капут или кафеаво палто, со задолжително наредени медали од Илинденското востание. Се зборуваше дека бил илинденец кој, ете, останал жив и здрав, но не се оженил, па сега живееше доста повлечено, бедно и запуштено. Честопати одеше на буниште кое беше веднаш под пругата или крај Драгоро од каде носеше: набиени јаболка и круши, поскапани лубеници и портокали, лимони. Ете, тие најдени нешта крај реката или на буништето ние ги крстивме (според името на нивниот носител ) тренине. Така се родија говорните изрази: ‘Кај одиш, Бале, да не бараш тренине во Драгоро.” Или: “Има нешто тренине да се најди денес на буниште?“, се вели во едно живо сеќавање.

„Драгоро донесе, Драгоро однесе“, – има значење на помирувачка циклична минливост.

„Колку како тебе Драгоро има видено!“ – како говорен израз се употребува кога некој се прави умен и знаен, особено за работи за кои собеседникот подобро е информиран.

„Не ќе се врати Драгоро назад”. Има значење слично на: „Не бери гајле не е голема штета.

„ Оди, удај се во Драгоро! “ – се изразува блага критика за неснаоѓање, за небудност и за пропуштена шанса што ќе има последици.

„Не го мие Драгоро! “ -толку голем срам си нагрбил некој што ништо повеќе не може да го избрише, е основното значење на изразот.

„ Си го зема Драгоро даноко! “ -се употребува кога ќе се случи трагедија во реката. Основата му е во народното верување за господари на реките кои бараат и човечки жртви.

Александар Стерјовски “Реката Драгор”