Во Битола, токму бил пазарен ден, кога сѐ се стемнило и почнало да врни ама така силно што кој каде се нашол таму останал. Останал и еден селанец од селата битолски, со неколку кокошки и петли што ги донесол на пазар за продавање. Некое време откако сѐ изнаврнало, неколку саати и сонце угреале и се јавил на Господ појасо-што велат дека нема појќе да врни, луѓето живнаа, се растрчаа, скокајќи од камен на камен по улиците оти се беше како река од силниот дожд. Селанецо на брзина пошто-зошто ги продал кокошките и петлите. Му остана само уште еден петел и немајќи муштерија за него, побрзал да си замини за на село.

Патем и него го продал за евтино на некој битолчанец, кој ќе да беше ”качен” т.е. напиен. Како било. Селанинот си заминал, а битолчанецо ќе го носи петело дома, држејќи го за нoзe. Ама оти бил малку несигурен во одот, од што бил ќефлија, петелот го држел малку полабаво, така што петелот претнувајќи се крилјата неколку пати му се искубал од рацете и почнал да трча кај види. Луѓето се обиделе да го фатат, заедно со несигурниот на нозе битолчанец. А ваму а, таму, немајќи каде, петелот летнал и право во Драгорот. Битолчанецот, пари дал за него. Слегол в Драгор да го фаќа. Петелот бега, тој по него. Се насобрале битолчаните дуќанџии покрај река и гледаат сеир, некој и ум продаваат викајќи: Овде збркај го, ваму, ваму, нема кај да избега. А сега готов е, го фати и го храбрат и се смеат. Ама ненадејно, одозгора, почна нешто да фучи, да татни. Тоа од дождовите шо врнеја, Драгорот надојде и со голема брзина за миг го однесе и петелот и несреќнио битолчанец.

Во Битола е познато кога нешто ќе оди во неврат да се рече: ”Ојде по петело”.

(Раскажано од дипл. инж. Михаил Д. Бомбол, Професор на Технички факултет Битола, на 62 години)